Вода не се краде само во Охрид туку и во Струга
Над стотина диви приклучоци во соседната општина се откриени само минатата година. Половина од нив се ставени во системот на градската мрежа.
Нелегални приклуоци на водоводните мрежи се откриваат во двете соседни општини Струга и Охрид. Има случаи каде што несовесни граѓани крадат вода од градскиот водоводен систем. Дивите приклучоци на вода кои ги има во двете општини тешко се откриваат и прават големи материјални штети на МЈП Проаква. Од РЕ Проаква во Струга велат дека само минатата година евидентирале 144 диви приклучоци, од кои 80 веќе се регулирани. На терен има 4 екипи за откривање на нелегални приклучоци поради што бројот на диво приклучени стружани на водоводната мрежа бил намален. Тоа значи дека прекршителите веќе поставиле водомери и почнале да ги плаќаат сметките за вода.
„Околу 60 приклучоци остануваат нерегулирани и кон нив имаме извршено тотално исклучување од мрежата. Доколку има и некои други имаме екипи кои ги откриваат тие неправилни работи. Тие диви приклучоци се од порано поврзани. Искористиле моменти кога немало во системот доволен притисок и на диво се врзале без никакво наше информирање“, рече Јонче Докоскиод Проаква, Струга.
Докоски додава дека дивите приклучоци ја злоупотребуваат водата за поливање на земјоделско земјиште или дворовите. Со тоа влијаат врз нормалното водоснабдување на останатите граѓани кои уредно плаќаат за потрошената вода. Десет тужби за кои се водат постапки пред надлежниот суд, биле поднесени и од страна на МЈП Проаква од Охрид.
„Жално е што се уште има граѓaни кои на своја рака си направиле диви приклучоци и не се евидентирани кај нас. Но, службите за контрола и присилна напалата се вклучуваат во таа контрола. Секојдневно пронаоѓаме еден до два кои потоа се евидентираат во сиситемот. Со реорганизација 8 отсто е намалена тековната загуба, која и сега е во голема мерка, но беше уште поголема. Во тек е постапка за изработка на проект за целосна промена на постоечките мерачи на нашите изворишта и поставување на контролни шахти во град Охрид“, подвлекува Владимир Алексиески, Директор на „Проаква“, Охрид.
По откривањето на диво приклучени потрошувачи на вода се поднесуваат прекршочни пријави и се исклучуваат од водоводнаат мрежа. Од охридскиот дел на Проаква велат дека ќе се обидат од фондовите на ЕУ да добијат средства за поставување на водомери со далечинско отчитување. Тоа очекуваат да ги намали загубите на вода.