Skip to main content

Шанса да се спаси рисот на Јабланица

Екологистите и ловните друштва прават напори да се спаси еден од најубавите и најзагрозените животински видови во регионов, рисот.

 |   | 

Ловните друштва од регионов во соработка со Македонското еколошко друштво (МЕД) интензивно работат на програмата за зачувување на еден од најубавите и најзагрозените животински видови во регионов, рисот. Ловџиите се оптимисти, кажуваат дека пред две години камерите забележале мајка рис со нејзиното малечко, што дава надеж дека ова животно почнува и природно да се размножува.Велат, потребна е поголема посветеност и мониторинг за да се спречи криволовот и намалувањето на пленот кои се најсериозни причини за истребување на рисот кој во земјава е и национален симбол.

„Рисот повеќе пати е снимен на нашите ловни терени, поставуваме камери и се снима. Видете рисот е пред се забранет за лов, мислам дека е 30.000 евра казната за излов на рисот и 15 години затвор. Ние како ловно друштво пред се се грижиме за ловот, но се грижиме за мирот и блаогосостојбата на дивечот во ловиштата којшто во летниот и овој период од годината го прихрануваме додека не надојде вегетацвијата. Градиме хранилки, солишта и истиот го прихрануваме“ вели Дарко Чочорски – Л.Д „Црн камен“.

За жал за многу експерти опстанокот на рисот сеуште се доведува во прашање.Податоците говорат дека има само 50 возрасни единки во целиот Југозападен Балкан. Во државава има најмногу, можеби 30-40 возрасни единки, додека ситуацијата во Албанија и на Косово е навистина критична. Најмногу рисови во земјата има во националниот парк Маврово. Во реализацијата на проектот за зачувување на рисот, ќе помогне и општина Вевчани која покрај ова, директно учествува и во неколку други проекти за заштита на природните споменици меѓу кои планината Јабланица и Вевчанските извори.

„Во околината на Вевчани е сликан рис, најјужно во Европа, што е многу значајно. По информации од ловното друштво мечки има многу, тоа е многу интерено бидејќи шумата е зачувана многу со години не се направила сеча, од 97 не се направила никаква сеча. Експертите имаат нотирано дека тука постојат и прашуми, кои се влезени во строга заштита и мислам дека така ќе остане и после овие проекти“ вели Сашо Јанкоски – Градоначалник на Општина Вевчани

Одлуката Јабланица да стане национален парк, ќе значи заштита на нејзинитеретки природни богатства кои масовно се екплоатираа, но и крај за неконтролираното искористување на планинските ресурси велат екологистите. Одлуката беше прифатена и од градоначалниците на општините Струга и Вевчани.Планината Јабланица е дел од Балканскиот зелен појас, односно од Европскиот зелен појас, претставува важно подрачје за мечката, волкот и за рисот како европски значајни видови.