„Балкан јуниор 2019″
Општинскиот Електромашински Училиштен Центар „Св. Наум Охрдиски“ од Охрид, домаќин на седмиот по ред меѓународен натпревар од областа на електротехника и мехатрониката.
Започна „Балкан јуниор 2019″, седмиот по ред Меѓународен натпревар од областа на електротехниката и механотрониката, кој викендов ќе се одржува во Електромашинскиот училишен центар „Св. Наум Охридски”. Директорот на ЕМУЦ „Св Наум Охридски” Сашо Недески истакна дека натпреварот се реализира секоја година, во едно училиште од редот на училишните партнери.
„Многу е важно да се мотивираат учениците со вакви натпревари од меѓународен карактер каде ќе ги претстават своите знаења и умеења стекнати во текот на нивното школување.Ова е врв на натпреварувањето меѓу учениците од осум држави кои имаат различни култури но сепак сме слични бидејќи се работи за балкански натпревар на осум балкански држави, шест од поранешна Југославија и Романија и Турција“ кажа Сашо Недески – Директорот на ЕМУЦ „Св Наум Охридски”.
Инаку, секое училиште учесник, ќе го претставуваат по двајца ученици и ментори. Натпреварот е од областа на електрониката и механотрониката, а се состои од два дела – демонстрација на знаења и вештини во практичен и теоретски дел. Живка Англеоска, претседателот на Советот на Општина Охрид, истакна дека ваквите настани се од голема важност за промовирање на меѓукултурната соработка, разменување на искуства и запознавање со начините на образование и живот во другите држави.
„Општина Охрид секогаш ќе поддржува настани од ваков тип затоа штои знаењето е предуслов за успешност, а токму тоа знаење всушност треба да ни биде мотив, на којшто треба да ги советуваме и да им го покажуваме патот на идните генерации“, рече Живка Англеоска, претседателот на Советот на Општина Охрид.
Покрај општина Охрид, уште еден од поддржувачите на овој настан е и Германската индустриска и економска комора. Тобијас Боле – проектниот координатор истакна дека ова е совршен начин за промоција на техничкото образование во средните училишта.
„Навистина сме среќни што имаме можност да присуствуваме овој натпревар на кој учествуваат тимови од училишта од неколку земји, бидејќи со тоа се покажува европскиот отворен пристап. Учесниците меѓу себе споделуваат, некои доаѓаат од земји кои се понапредни, некои од помалку напредни, но сите учат едни од други, и како делегација од Германската индустриска и економска комора, секогаш се стремиме за промоција на техничкото образование, во средните училишта и поради тоа сме тук, и го спонозрираме овој настан“ објасни Тобијас Боле – проектниот координатор, Германската индустриска и економска комора.
Покрај натпреваручакиот карактер, „Балкан јуниор 2019″ има за цел подигнување на нивото на знаења и компетенции на учениците и наставниците во средните стручни училишта како и потикнување на креативноста кај истите.