Skip to main content

Охридските основци го стартуваа третото издание на „Охрид трчат“

Учесниците  кои ги освоија првите места  споделуваат дека спортот ги прави среќни. Организаторите на манифестацијата имаат за цел младите што повеќе слободното време да го посветуваат на спортот кој е предуслов за здрави животни навики. 

 |  Валентина Неловска  | 

Со училишната трка Атлетскиот клуб „Охрид трчат“ по трет пат ја стартуваше спортската манифестација. Охридските основци го означија почетокот на спортските трки. Денешната трка имаше добар одзив кај учениците и беше поделена во три категории. Некои од учениците трчаа прв пат, а некои веќе биле дел од манифестацијата „Охрид трчат“. Овој пат основците трчаа по градскиот кеј, а победниците на трката Зоран Стоески од ОУ „Св. Наум Охридски“ од Пештани, Климент Филев од ОУ„Св. Климент Охридски“ , Владимир Пердулоски од ОУ „Живко Чинго “од Велгошти и Мандуле Далипоска од ОУ „Братство – Единство“, споделија дека спортуваат во различни спортски дисциплини и спортот ги прави среќни.

Јоне Станкоски , претседателот на организациониот одбор на АК „Охрид трчат“ е задоволен од денешниот одзив на основците. Заедно со Сојузот на училишни спортови организираа трки во машка и женска конкуренција и трка за рекративци. Со тоа упатија порака децата што повеќе да спортуваат.


„ Пред се до возрасните и родителите да ги мотивираат своите деца со спортски активнсоти. Тоа е базата за правиот психофизички развој на децата. Порака до возрасните децата што повеќе да се занимаваат со спорт“, напоменува Јоне Станкоски претседател  на организациониот  одбор на АК „Охрид трчат“.

Викендов ќе се организира и Детската трка за децата од охридските градинки на возраст од 5 и 6 години. Спортските настани како дел од „Охрид трчат“ ќе продолжат на 31 мај со ноќна трка. Главната трка ќе биде на 2 јуни со трките на 5 и 10 км и Тим билдинг трката. Спортските случувања ќе бидат пропратени и со многу музички случувања и панел дискусии на еминетни гости директори на Балкански трки. „Охрид трчат“ се организира со поддршка на Локалната самоуправа, Агенцијата за млади и спорт, Делегација на ЕУ во РСМ, Фондацијата Колески и други поддржувачи на Атлетскиот клуб „Охрид трчат“.