Охрид е домаќин на „ Гастро турата 2019“
Охридската угостителска фела има можност да црпи гастрономски искуства од Џорџо Дијана, италијански шеф со престижното признание Мишелин ѕвезда. Покрај него, дел од гастро настанот е и Андреа Бијаџини, МТП Мишелин и сопственик на „Food&Lifestyle“. Богатото искуство во угостителството Дијана и Бијаџини ќе го пренесат преку практични обуки во маркетинг и во приготвување храна.
Во рамките на настанот „Гастро тура – 2019“ во Охрид се присутни Џорџо Дијана , шеф со Мишелин ѕвезда и Андреа Бијаџини консултант и сопственик на „Food & Lifestyle“ . Настанот е во организација на Општина Охрид, Факултетот за туризам и угостителство Охрид и Туристичкиот кластер ЕДЕН. Гостите од Италија ќе одржат Mастер класови за студентите по гастрономија, готвачите, менаџерите и сопствениците на охридските угостителски објекти. Угостителството е важен дел од еден комплетен туристички производ и токму затоа треба постојано да се преземаат мерки за осовременување на гастрономската понуда и зголемување на нејзиниот квалитет, истакна на прес конференција градоначалникот Константин Георгиески. Одржувањето на „Гастро турата 2019“ е од големо значење за Охрид како туристички центар, истакна Георгиески.
„ Преку неа се промовираат кулинарските потенцијали на овој регион, спакувани и понудени на модерен начин, во согласност со светските угостителски стандарди. Се надевам дека овој настан ќе продолжи да се организира и во иднина и дека значително ќе придонесе за подобрување на гастрономскиот квалитет во нашите угостителски објекти и ќе ја збогати туристичката понуда во Охрид“ , истакна градоначалникот Георгиески.
Италијанскиот готвач со престижното признание Мишелин ѕвезда, Џорџо Дијана, е по втор пат во Охрид. Овој пат како дел од програмата на Факултетот за туризам и угостителство каде ќе одржи неколкудневни Мастер часови. Тој на пријавените студенти и претставници од угостителските објекти во Охрид ќе им ги презентира новите техники на готвење со конзервирање на храната, пастеризација на продуктите, спорото готвење, како и важноста на новите техники и методи на готвење во кујната.
„ Ќе се потрудам да ја пренесам пасијата кон кулинарството на студентите и локалните шефови. Најмногу за да останат овде. Според моите информации голем дел од шефовите одат надвор на извесен период, но остануваат таму и не се враќаат назад“, рече Дијана кој има за цел да им ја пренесе пасијата кон гастрономијата и да ги натера да останат тука.
На „Гастро турата 2019“ за прв пат учествува и Андреа Бијаџини, консултант и сопственик на „Food & Lifestyle“. Неговото богато искуство во угостителството ќе го пренесе на претставниците од рестораните и хотелите во Охрид преку практичните обуки за маркетингот и неговото влијание врз туризмот, како и вредноста на рестораните во целокупната туристичка понуда на градот. Бијаџини, кажа дека по враќањето во Милано, на италијанците ќе им ги промовира Македонија и Охрид како прекрасна туристичка дестинација.
„ Јас ќе се потрудам да им објаснам на луѓето овде дека гастрономијата е еден од најважните чинители во туризмот. Без добра гастрономија и добра кујна нема да може да очекуваме и добар туризам“, напомена Бијаџини.
Покрај практичните обуки од затворен карактер, љубителите на гастрономијата ќе имаат можност да ги пробаат специјалитетите од славниот готвач Дијана и на часовите на отворено кои ќе се одржат во четврток, 23-ти мај, пред хотелот „Su“.