Големa материјална штета претрпе опожарениот струшкиот ЕК Снегар
Засега е непозната причината за пожарот кој предизвика голема материјална штета на еден од најстарите градски клубови. Останаа само бетонските ѕидови, а до клубот за помош пристигнаа и првите пораки од љубителите на водените спортови.
33 спортски пловни објекти изгореа во хангарот на струшкиот едриличарски клуб Снегар. Клубот остана без чамци од класите Ласер, Европа, Оптимист и другите бродови кои се затекнаа во скалдиштето на струшката плажа на површина од над 250 метри квадратни, кажува со тешко срце Лазо Ѓоргоноски претседател на ЕК Снегар. Територијалната противпожарна единица, вчерa околу 17 часот, интeрвенирала со две возила, но заради материјалот кој развива голема температура било невозможно да се изгасне. Денес, се расчистуваа остатоците од опожарениот едрилачарски хангар и се сумираше настанатата материјална штета.
„ Првично спортските чамци се со голема вредност. Само тие се преку 300.000 евра плус објектот. Веројатно ќе има помош од стружани , од колегите од Охрид и од другите клубови“, вели Ѓоргоноски.
Ѓоргоноски со жалење кажува дека во пожарот целосно изгорела и целата клубска документација на еден од најстарите струшки клубови од водните спортови. ЕК Снегар има долга традиција од над 50 годишно постоење. Зачувани се само дел од спомените , мал дел архива која успеале да ја зачуваат во дигитална форма. Додава дека причините за пожарот не се познати.
„ Ние не можем да шпекулираме . Во хангарот немаше струја. Единствена струја беа сијалиците. Струјата беше до канцелариите. Во хангарот не чувавме запалив материјал. Има истрага за причината. Официјално ќе покажат органите тоа е нивна работа. Ние може само да направиме на сите нас штета,“вели Ѓоргоноски.
Објектот од кој останаа само бетонските ѕидови е во сопственост на едриличарскиот клуб Снегар , информира Лазо Ѓоргоноски. Земјиштето е во фаза на приватизација која се одолговлекува повеќе од 8 години, напоменува Ѓоргоноски и се надева на разбирање од државата за да се заврши тој процес. За помош на клубот се понудиле струшките советници од сите политички партии. Пораки за помош пристигнале од охридските колеги и од останатите љубители на водените спортови од државата. Досега до ЕК Снегар не се огласил градоначалникот Рамиз Мерко.