Потпретседателот на САД ја почнува посетата на Балкланот
Американскиот потпретседател Џозеф Бајден денеска ја започнува посетата на Балканот, која ќе ги вклучи Босна и Херцеговина, Србија и Косово.
Тој ќе разговара со раководствата на трите земји за неопходноста од забрзување на реформите со цел интегрирање на Западниот Балкан во ЕУ.
Според експертот за балкански прашања Даниел Нелсон во Белград Бајден ќе ја истакне неопходноста Србија да стане неодделив дел од Европа.
– Србите одат кон ЕУ, но со брзина на полжав. Оваа тенденција се забавува од проблеми како корпуцијата, политиката на мешањето во внатрешните работи на Косово и кревката состојба на демократијата во самата Србија, изјави Нелсон за Гласот на Америка.
Тој додаде дека Бајден очекува од Белград енергични мерки на сите три фронта и оцени дека американскиот потпретседател пристигнува на Балканот „без стапот и морковот“.
Бајден, според Нелсон, исто така сака да слушне од лидерите на Белград дека нема да ја поткопуваат независноста на Косово со поттикнување на сепаратизмот или отцепување на деловите во кои живее српско население.
Според него, исто така на средбите со српското раководство, потпретседателот на САД ќе посвети особено внимание на односите меѓу Република Српска и Србија и ќе побара уверувања од претседателот Борис Тадиќ дека не ги прифаќа постојаните закани за отцепување, кои пристигнуваат од Република Српска и нејзиниот премиер Милорад Додик.
Ставот на американската администрација е дека Босна и Херцеговина се уште не ја остварила неопходната стабилност, додаде Нелсон.
Во Приштина Бајден пред се ќе ја истакне американската поддршка за независноста на Косово, оценува американскиот експерт.
– Тоа веќе е завршен факт. Колку побрзо сите во Белград го сфатат тоа, тоа ќе биде подобро за Србија и за регионот во целина. Сметам дека Бајден ќе им пренесе на лидерите на Косово дека САД ја поддржуваат независноста на Косово, како и оти очекуваат од премиерот Хашим Тачи да премине од зборови кон дела во однос на европеизацијата на Косово, оцени Нелсон.
Тој додаде дека од косовските лидери Бајден ќе побара особено да обезбедат сигурност и човекови права на српското малцинство и да ги заштитат српските културни и религиозни споменици на Косово.
{loadposition content9}