Влатко Стефановски посакува да сними албум во црквата Св. Софија
Голема желба на македонскиот рок, поп и џез музичар, основач на „Влатко Стефановски Трио“, и еден од основачите на групата „Леб и сол“ Влатко Стефановски, е неговиот следен албум да го сними во Охрид, во просторот на црквата Св. Софија.
Уште во далечната 1997 година по иницијатива на првиот човек на американско-јапонска дискографска фирма „МА Рекордингс“, Тод Гарфинкел, во Крушево, во просторот на меморијалниот музеј, заедно со американскиот гитарист од српско потекло Мирослав Тадиќ, македонскиот рок, поп и џез музичар, основач на „Влатко Стефановски Трио“, и еден од основачите на групата „Леб и сол“ Влатко Стефановски го снима албумот „Крушево“, со традиционални македонски песни, во акустичен аранжман. Од тогаш трае соработката на овие двајца врвни музичари. Сега, желба на Стефановски е нивниот следен албум да биде снимен во црквата Св. Софија.
„Ние пробавме да снимиме албум во Св. Софија, „Крушево“ требаше да биде снимен во Св. Софија, дојдовме со нашиот продуцент, и тогаш Св. Софија беше во лоша состојба, прозорите беа отворени, кафулината имаа гласна музика тоа лето не можевме да снимие во Охрид. меѓутоа таа желба мене сеуште ми е жива. Да влезам во Св. Софија ден два и да снимиме нов албум“ рече Стефановски.
Стефановски упати порака и своевиден предлог до институциите и луѓето, на големиот музичар Мирослав Тадич, поради достигнувањата на полето на афирмирање на македонската музика во светот, да му се додели некоја од националните награди. Големиот гитарист Мирослав Тадиќ пак, изјави дека иако веќе четири децении живее во Соединетите Американски држави, сепак, неговата уметничка татковина е токму Република Северна Македонија.
„Посебно ми е драго што сум повторно во Македонија. Роден сум во Југославија, заминав во САД пред 40 години и таму станав некаков Американец, но мојата уметничка татаковина е Македонија. Веќе 40 години откако заминав на студии во САД и станав професор таму, најмногу се занимавам со македонска музика. Таа, според мене е голем извор на инспирација, голем избор на интересен музички материјал и можам да се пофалам дека генерации студенти од целиот свет кои преку мене ја открија македонската музика со мене, многу добро владеат со комплексните македонски ритми, прекрасните мелодии и хармонии“, рече Тадиќ.
Синоќа на античкиот театар, Стефановски и Тадиќ, во чест на одблежувањето на 59от роденден на Фестивалот „Охридско лето“ одржаа концерт за паметење. Двајвцата светски уметници изведоа преработки на познати македонски песни како Јовано Јованке, Калеш бре Анѓо, Са ноќ седам Трено, Македонско девојче, Елено ќерко, Ој ти момче охриѓанче и други. Изненадување за публиката беше гостувањето на виолинистката Ивет Џонсон, од САД. Фестивалот „Охридско лето“ уште од од 1994 година е редовен член на Европската асоцијација на фестивалите. Се одржува со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а под покровителство на претседателот на државата.