Пронајдени нови сознанија за поврзаноста на Михајло Пупин и Охрид
Големиот научник и добротвор бил прогласен за почесен граѓанин на Охрид, а била отпечатена и објава за неговата смрт. Годинава се одбележуваат 81 година од смрта на светски познатиот научник чии корени водат потеко од нашите краишта.
Историските архиви кријат многу податоци за поврзаноста на Михајло Пупин и Охрид, вели историчарот Проф. д-р Павле Митерски кој го истражувал животот и делото на Михајло Пупин и е автор на неколку книги за светски познатиот научник. Професорот дошол до нови историски факти за повразностана научникот и некогашен Охрид. Едно од сознанијата е што охриѓани го прогласиле Михајло Пупин за почесен граѓанин на Охрид. Повелбата ја испратил тогашниот градоначалник, охриѓанецот Темко Поповиќ, дипломат и книжевник од крајот на 19 и почетокот на 20 век.
„ Одлуката на советот на град Охрид е Михајло Пупин да биде прогласен за почесен граѓанин во 1924 година . Оваа чест е благодарност на граѓаните по поставувањето на ѕвоното во 1923 година, во камбанаријата во дворот на Црквата Богородица Перивлепта како негов подарок.Покрај тоа, Пупин оснивал и и Фондацијата за помош на талентирани деца за понатамошно школување. Писмото и одликувањето ги добива во Америка. Добива и подарок македонски вез од ќерката на градоначалникот Поповиќ“, раскажува историчарот Митрески за новите сознанија од поврзаноста на Пупин и Охрид.
Пронајдени се и документи од преписката меѓу тогашниот градоначалник Поповиќ и Михајло Пупин кој се заблагодарува на одликувањето и Повелбата. Колкава била почита на охриѓани кон светски познатиот научник и добротвор е објавениот некролог во март 1935 година, кога умира Михајло Пупин, а испечатен во печатницата на Никола Герман, напоменува Митрески.
„Интересно е што охриѓани многу го почитувале. За тоа потврда е податокот кога умира Пупин одржана е парастос во црквата Св. Богородица Каменско, а пред поголем број граѓани одржана е комеморација во киното Охридско езеро. Граѓаните му одаваат голема почит“, напоменува Митрески.
Годинава се одбележуваат 81 година од смрта на светски познатиот научник чии корени водат потеко од нашите краеви. По тој повод на 19 август , Српското друшво пред спомен куќата на Михајло Пупин во Вевчани ќе постави биста од светскиот научник и голем добротвор.