Од денес во Охрид на сила стапува мораториум за градење
Тоа го одлучија мнозинството охридски советници. Општина Охрид го изготви акцискиот план во кој се опфатени сите постапки и активнсоти со кои ќе се исполнат препораките на Комитетот на светско културно наследство . Советниците од опозицијата беа конструктивни со став дека за доброто на Охрид мора од некаде да се почне.
Во Охрид од денес стапува на сила мораториум за градење. Тоа е одлука на мнозинството охридски советници на Градскиот совет во Општина Охрид со што се постапува по Заклучоците од 146 седница на Владата за прогласување мораториум на градежните активности.Oхридските советници покажаа единство за клучни теми важни за градот, рече градоначалникот Константин Георгиески.
„ Тоа значи од денес се воведува времен прекин на спроведување и донесување на Урбанистички планови, Урбанистички плански документации, Архитектонско урбанистичко проектирање на територија на општина Охрид. Времено се прекинуваат сите нови постапки за предмети кои се однесуваат на издавање на одобренија за градба, надградба и доградување по стапување на сила на оваа одлука“, изјави градоначалникот Константин Георгиески.
За Предлог-одлуката гласаа 20 советници од вкупно 23 колку што брои Советот. Двајца советници беа воздржани Нефи Усеини од ДУИ и Џемал Мена од Беса, а еден советник беше отсутен. Советниците од опозицијата беа конструктивни. Во периодот кој следи како град нешто мора да направиме. Дали генералниот мораториум е правилен потег или не, не знам , но од некаде мораше да се почне, посочи Кирил Пецаков координатор на советничката група на Вмро Дпмне.
„ Мораторимуот ќе донесе експресно изготвување на план во неурбанизираните средини каде што има проблем со дивоградбите и во појасот значаен за Унеско. Се надевам дека ќе се спроведе и ќе функционира онака како што е ред“, истакна координатор на советничката група на Вмро Дпмне.
Нефи Усеини, советник од редовите на Дуи, беше воздржан при донесување на одлуката за мораториум на градбите.
Јас не сум против законот и против тоа да се рушат дивоградбите. Кажувам дека треба да се рушат сите дивоградби што се на крајбрежјето затоа што тие се проблем за УНЕСКО. Да се ослободат сите тротоари да можат да поминуваат луѓето, да се отстранат дивоградбите на Галичица. Правата фаза е крајбрежјето, па Галичица и после ќе дојеме до јадрото на Охрид.
Советникот Усеини побара од институциите да не бидат селективни туку за сите дивоградби законот да важи подеднакво. Иако, мојата тераса не е дивоградба ако му пречи на УНЕСКО јас ќе ја рушам сам, кажа Усеини.
Владата на 23 јули донесе одлука да го повлече Законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и при тоа им препорача на општините Охрид и Струга, да прогласат мораториум на градежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство во охридскиот регион.