Skip to main content

Електричните тротинети се повеќе ги има на улиците и шеталиштата

 Станува збор за превозно средство кое сеуште не е регулирано со нашиот Закон за безбедност  на сообраќајот на патиштата. Досега од СВР Охрид не евидентирале  сообраќајни несреќи предизвикани од лица кои управувале  електрични тротинети. 

 |  Валентина Неловска  | 


На нашите улици и шеталиштата во овие летни месеци е тренд да се возат електрични тротинети. Ова превозно средство станува се популарно и се користи за превоз до плажа, до продавница, по кејот. Досега од СВР Охрид не евидентирале сообраќајни несреќи предизвикани од лица кои управувале електрични тротинети. Посочуваат дека е потребно да се користи заштитна кацига заради лична безбедност на лицата кои ги управуваат тротинетите. Како и во многу други земји, ова превозно средство не е регулирано ни во нашиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата. Од Министерството за внатрешни работи најавуваат подготвување на законски измени и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата со цел нормативно регулирање и воспоставување на стандарди за безбедност и за овој вид учесници во сообраќајот.
Електричните тротинети се добра замена за автомобилите и за велосипедите, но и покрај растот на нивната популарност во светот почнаа да им „објавуваат војна“. Некои европски градови го ограничуваат бројот на електричните тротинети и воведуваат строги правила за нив. Корисниците на електрични тротинети ги попречуваат пешаците и предизвикуваат несреќи и загрозување на безбедноста на тротоарите, па повеќе европски градови одлучиле драстично да ги заострат прописите за нивно користење.