Skip to main content

Донесен Мораториум за градење и во Струга

Советот на општина Струга едногласно ги усвои Мораториумот и Акцискиот план. Градоначалникот Рамиз Мерко не присуствуваше на седницата.

 |  Валентина Неловска  | 

Струшките советници едногласно дадоа зелено светло за Мораториумот за градење и за Акцискиот план во кој се опфатени сите постапки и активнсоти со кои ќе се исполнат препораките на Комитетот на светско културно наследство. И покрај тоа, дел од советниците се песимисти дека ќе се имплементира Акцискиот план во пракса.

„Тие се одлуки од Унеско и нема отстапки. Дали ќе се реализираат од Владата и општината јас сум песимист. Немаат капацитет да го решат проблемот“, рече Имер Имери од Алијанса за Албанците.

Ален Деребан, советник од Вмро Дпмне, вели дека тие како советници иако ги гласале Мораториумот и Акцискиот план, гледаат како бегање од одговорност на Владата. Не може со одлука на совет да се суспендира примената на Законот за градење и Законот за постапка по бесправно изградени објекти, смета Деребан.

Ние дадовме поддршка за Мораториумот за да не испадне дека сме против препораките на Унеско. Но, сигурни сме дека Акцискиот план нема да се реализира и има декларативна природа. Во него е јасно дека ќе почне да се руши на крај од 2021 година. Во тој период ни Рамиз Мерко нема да е градоначалник, ни Зоран Заев ќе е претседател на Владата на РМ“,вели Деребан.

Советникот од СДСМ, Ацо Ѓуроски во однос на прашањето колку е остварлив Акцискиот план, напомена дека се надева дека како советници гласале за работа која со години е рак рана за општината и треба да се средат дивоградбите.

Ако се има желба, волја и политичка моќ се е остварливо, тоа е мое мислење“, рече Ѓуроски.

Нема точна бројка по колку дивоградби ќе треба да се постапува со Акцискиот план во општина Струга, а на седницата не беше присутен градоначалникот Рамиз Мерко.