Со претставата Одисеј се гасат светлата на 59 -то издание на Фестивалот Охридско лето
Театарска екипа составена од актери од Загреб, Бриони, Марибор, Белград, Нови Сад и Скопје ќе играат на текст и во чест на Горан Стефаноски. Итака никогаш не била цел за себе, туку целта било самото патување, ми се чини логично и убаво и Горан и „Одисеј“ и оваа дива „хорда“ да продолжи да патува и понатаму, порача актерот Озрен Грабариќ кој ја толкува главната улога.
Претставата „Одисеј“ со која завршува Фестивалот Охридско лето е копродукциски проект на театрите „Гавела“ од Загреб, „Улисис“ од Бриони, Српскиот народен театар од Нови Сад, „Драма“ од Марибор, „Ателје 212“ од Белград, Стериин театар и Театар „Навигатор“ од Скопје. Александар Попоски режисерот на претставата кажа дека за да се донесе оваа претстава на Охридско лето и да се соберат актерите од сите овие куќи е како да се состави мозаик на камчиња, слики кои пред 5-6 години се растуриле по светот.
„Овие луѓе патуваат, играат, настапуваат насекаде низ светот и воопшто не е едноставно да ги соберете на едно место. Желба ми беше заради Горан оваа претстава да ја играме во Охрид и тука, на своевиден начин, тој да ја најде својата Итака. Не се надевав дека ќе успеам во тоа, но одговорот на сите уметници на кои им се обратив беше фасцинантен, сите тие откажаа и снимања и патувања да се соберат тука и да ја одиграме оваа претстава, сите одговорија јас би дошол“, рече Поповски.
Процесот на создавање на претставата Одисеј, врз актерите кои се дел од неа оставил трага, како во нивните животи, така и врз нивниот професионален ангажман, споделува српскиот актер Светозар Цветковиќ кој ја игра улогата на богот Зевс.
„Од последната изведба на „Одисеј“ пред пет години, се случија толку многу настани во нашите животи, во театарот, во овој свет во кој го нема повеќе Горан. Режисерот Поповски не’ собра повторно во слава на Стефановски, во негова чест да проговориме по она напишаното од негова рака. По временска дистанца од пет години, можам да кажам дека со првото соочување со текстот воопшто не бев свесен колку сме пред времето во кое живеевме тогаш, и оти за жал или за среќа, со таа претстава сме пред времето на се’ она што се случува во театарскиот живот кој го познаваме на овие простори“ , рече Цветковиќ.
Главната улога на Одисеј е доверена на загрепскиот актер Озрен Грабариќ.
„Во текстот на Горан има една реченица дека „Итака никогаш не била цел за себе, туку целта било самото патување“. Затоа ми се чини логично и убаво и Горан и „Одисеј“ и оваа дива „хорда“ да продолжи да патува и понатаму. Верувам дека и во иднина ќе има такви излети“, порача Грабариќ.
Актерот Никола Ристановски во претставата „Одисеј“ ја толкува улогата на пејачот Тиресиј. Ристановски како што рече, посебно му е мило што по седум години оваа претстава стигна во Македонија, што за него претставуа своевидна симболика на затворање на еден циклус, тема која зборува за враќањето на еден човек дома.
„Во таа смисла недвојбено Горан Стефановски е најважниот дел од цела таа приказна. Физички и метафизички Горан е меѓу нас тука, и сето тоа што би имал да го кажам на оваа тема тоа го кажува самата претстава, а на публиката оставам да ги донесе сите други заклучоци, впечатоци, доживувања“, додаде Ристановски на денешната прес-конференција.
Целокупната драмска програма во рамките на годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“ беше посветена на големиот драмски писател Горан Стефановски кој почина во ноември минатата година, но остави силен печат врз македонската драма.