Ана Бландиана е четвртата жена лауретат на Струшките вечери на поезијата
Бландиана е поетеса со бунтовен и критички дух која не замолчува пред неправдата. Таа е припадник на генерацијата поети од 60 те години, од плеадата поети кои припаѓале на неомодернистичкиот правец.
Поетесата Ана Бландиана е четврта жена добитник на највисокото поетско признание на Струшките вечери на поезијата. Бландиана пред 15 години беше учесник на поетската манифестација со нејзината поезија, а овој пат заслужено и едногласно го доби признанието да биде годинешен лауреат, кажа Елизабета Шелева претседател на УО на Струшките вечери на поезијата. Во богатата животна биографија на Бландиана таа била симбол и икона на бунтот, отпорот, непокорот против тоталитарниот режим во некогашна Романија. Бунтовниот и критички дух кој не замолчува пред неправдата таа го задржува и подоцна во транзицискиот период, рече Шелева за годинешната лауреатка на Струшките вечери на поезијата.
„Таа е припадник на генерација на 60-те, поети кои во својата група имале членови како Никита Станеску, кои себе си се нарекувале неомодернисти имајќи го предвид својот пристап кој се темелел на херметизам, метафоричност и естетизам што бил своевиден отпор против тогашната доминантна естетика и поетика на соцреализмот“, кажа Шелева за поетскиот бекграунд на Бландиана.
Се чувствувам среќна што сум лауреат на СВП и сум дел од големата листа на наградени поети од целиот свет, кажа Бландиана. Таа меѓу другото го изнесе и својот став во однос на промената на името на нашата земја.
„Целата приказна со името ме натажува. Но, факот дека Македонија е пак Македонија, а Македонците се Македонци и нема врска толку за Северна Македонија. Битно е земјата да продолжи по својот пат особено во културата. Малите земји немаат друга можност освен да продлжат да се развиваат и промивираат преку културата“, кажа Бландиана.
Вечерва на свеченото отварање на СВП ќе биде испратена поетската порака, а таа чест му е доверена на македонскиот поет Влада Урошевиќ. Градот на поезијата, Струга вечерва по 58 пат ќе биде домаќин на најреномираната поетска манифестација во светот Струшките вечери на поезијата. Годинава покрај Македонски и Англиски јазик поезијата ќе се чита и на Албански и Француски јазик.