Skip to main content

Здружението на социјални работници од земјава повикува во грижата за граѓаните во ризик да се вклучи локалната заедница

Апелираат да се најдат начини како на локално ниво ќе се насочат услугите кон социјалната заштита на ранливите категории граѓани. На првата работилница од ваков вид, денес, беше презентиран  проектот „ Социјалните работници во акција во реформираниот систем на социјална заштита“.  

 |  Валентина Неловска  | 

Социјалниот работник Наташа Павиќевиќ Стојменовска од Здружението на социјални работници на Македонија и координатор на проектот „ Социјалните работници во акција во реформираниот систем на социјална заштита“ информира за законските измени во Социјалната заштита и улогата на општините, давателите на социјални услуги и здруженијата на граѓани. Препорака е сите чинители во заедницата да се вклучат во наоѓање на начини на локално ниво да ги препознаат ризиците кои постојат, да се наочат кон заштита на населението со меѓусебна соработка за надминување на ризиците кои се јавуваат, потенцира Павиќевиќ Стојменовска.

„ Всушност со новиот Закон се планирани нови услуги да се спуштат на локално ниво со вклучување на сите чинители засегнати во оваа област. Во законот носител на социјалната заштита е работа и на општините“, информира Павиќевиќ Стојменовска.

Од аспект на досегaшните истражувања во 17 општини во земјава од Здружението на социјални работници на Македонија утврдиле дека има потреба од развивање на други форми на социјална заштита. Општините имаат буџети за социјaлнa заштита, но од средствата за оваа намена дури 70 посто се користат со пренасочување за други активности. Најчесто од таа ставка се користат средства за исплата на еднократна помош на семејствата во ризик или за новороденчиња, кажувa Павиќевиќ Стојменовска.

„Препорака е да има расположение за вклучување и соработка на сите институции. Тие да се отворат и да има пристап дека сите сме на иста страна“, подвлекува Наташа Павиќевиќ Стојменовска.

Здружението на социјални работници од Македонија на првата панел дискусија која почна од Охрид упатиле покана и до општините во Струга, Кичево, Македонски Брод и Дебар, но на денешната прва панел дискусија присуствуваа само претставници од општина Охрид.