Со нови методи ќе се следи квалитетот на воздухот во Охрид
Загадување на воздухот над дозволените граници се очекува и оваа зима. Охрид не спаѓа во критичните градови, но добива можност да го следи квалитетот на амбиенталниот воздух. Од проект за прекугранична соработка на ИПА европските фондови доби мониторинг сензори и филтри за оџаците на индивидуални објекти. Охрид, денес го одбележа денот на Европската соработка.
Со нови методи ќе се следи квалитетот на воздухот во Охрид. Градот доби седумдесет илјади евра во опрема за поставување на 11 сензори и 15 филтри на јавни и приватни објекти. Тоа се средства од проектот Балкан нет програма од ИПА фондовите на ЕУ, за меѓугранична соработка на 5 земји, Македонија, Албанија, Грција, Бугарија и Кипар. Охрид не спаѓа во критичните градови со енормно аерозагадување и нема мерна станица за квалитетот на воздухот. Со овој проект, сега добива можност да го следи квалитетот на амбиенталниот воздух, вели Дарко Блинков од Државниот инспекторат за животна средина.
„ В година заедно за Охрид, Софија, Солун, Тирана и Никозија ќе се направи анализа на податоци кои ќе се од помош и за општината Охрид, за креаторите на политики во делот на проектното планирање, локалниот економски развој и животната средина“, вели Блинков.
Владата презема мерки за справување со аерозагадувањето во дражава. Издвои 4 милиони евра со кои ја субвенционира замената на цврсти енергенси за греење како најголеми загадувачи на воздухот и ги заменува со инвертри. Но, за да се зачува квалитетот на воздухот мора посветено да се работи, подвлече Дејан Павлески заменик министер за Локална самоуправа.
„ Се соочуваме со тој предизвик. Ваков проблем има целиот свет, но ние не можеме да ги затвараме очите пред овој факт. Во државата имаме неколку градови кои имаат енормно загадување. Владата презема мерки, но треба да се вклучат сите чинители и да преземат активности“, сугерира Павлески во заедничката борба против аерозагадувањето во земјава.
Дарко Блинков, од Државниот инспекторат за животна средина, сподели податоци за степенот на најголемите загадувачи на воздухот. Според анализи на меѓународни поекти во урбаните средини на прво место е загадувањето од индивидуалните ложишта, на второ место се сообраќајот и градежните активности, додека на трето место е индустриското загадување на воздухот, кажа Блинков.
Охрид, денес го одбележа денот на Европската соработка. При тоа, заменик градоначалникот Ристо Николески, потсети на важноста од подигање на јавната свест и на програмската транснационална соработка во интерес на идните генерации за да имаат здрава животна средина и чист воздух.