Skip to main content

Богата спортска есен ќе има на терените на СРЦ Билјанини извори

Намерата на ЈП Билјанини извори е овој спортско-хуманитарен  настан кој почна минатата година да прерасне во  7 -мо Ноемвриски турнир. Нагласуваат дека постојан работат на промовирање на сопствените капацитети, како и на туристичките можности  на градот. За привлекување на  странски тим билдинг компании, како и на спортските екипи посебно за зимските подготовки потребно е да се уреди уште еден фудбалски терен во рамките на спортскиот центар. 

 |  Валентина Неловска  | 

Се очекува богата спортска есен на терените на СРЦ Билјанини извори. Од 5 до 12 октомври на спортските терени ќе се одржи камп на деца од Германски познати фудбалски клубови, а од 18 до 22 ќе се одржи и Балканскиот камп на фудбалери. Се очекува и одржување на државното првенство во бокс. Во тек е пријавување и на охридските компании за учество на баскет турнирот 3 на 3. Пријавувањето на компаниите е до 10 октомври. Минатогодишното искуство од одржувањето на турнирот покажа дека има голем интерес за ваков начин на дружење, а настанот доби не само спортско – забавен туку и хуманитарен карактер, кажува Гордана Јованоска. Нивната намера е спортската дружба да прерасне во 7 -мо Ноемвриски турнир.

„Лани имаше 12 компании. Тоа е иделано за да се одигра квалитетен баскет. Но, ако има повеќе годинава ќе ги вклучиме и нив. Не мора да се натрпеварите во викенд ќе ги направиме термините и во работни денови. Се зависи од тоа како им одговара на компаниите и нивните планови“, напоменува Гордана Јованоска , директор на ЈП Билјанини извори.

ОД ЈП, деновиве воспоставиле контакти со компании за одржување на спортски тим билдинг натпревари на СРЦ Билјанини извори во Солун каде што биле гости на покана од Федерацијата за компаниски спортови од Србија. За привлекување на странски тим билдинг компании, како и на спортските екипи посебно за зимски подготовки потребно е да се уреди уште еден фудбалски терен во рамките на спортскиот центар, вели Јованоска. Партнери за оваа инвестиција ќе побараат во Локалната самоуправа и во Фудбалската федерација на Македонија.

„ Потребно е да се направи уште еден терен на вештачка или природна трева за може да имаме повеќе фудбалски екипи кои се најзаинтересирани за зимски подготовки. Ние да ги искористиме сместувачките капацитети на хотелите кои се празни во месеците јануари- февруари, за да се пополнат“,вели Јованоска.

На терените на СРЦ Билјанини извори може да се организираат разни спортски турнири и подготовки на спортските екипи во фудбал, фудсал, кошарка, ракомет, одбојка, тенис, бадмингтон, атлетика.