Цените на недвижностите во Охрид бележат благ пораст
Изненадувачки пораст има на цените за станови покрај езерскиот брег кои достигнуваат и до 1500 евра за метар квадратен. Во нагорна линија е интересот за купување на луксузни куќи надвор од градот. Странците пак, и понатака се најзаинтересирани за купување недвижнини во стариот дел од градот.
Во Охрид и понатака најбарани се помали станови со една спална соба во центарот на градот. Купувачите бараат подобра катност на становите, со добар видик и паркинг простор, што пак од друга страна е многу тешко да се понуди, информира Александар Трајкоски од Агенцијата за недвижности Енхалеја, за моменталните состојби на пазарот на недвижности. Трајкоски кажува дека има благо покачување на цените на неджвижностите.
„Можеби 5 посто е зголемувањето на цената линеарно за сите. Некои станови од кои и јас се изненадив колку се зголемиле цените кои се блиску до езеро што не беше случај порано. Сега се продаваат од 1200 – 1300 евра па дури имам понуда од 1500 евра за метар квадратен. На периферија генерално цената е иста со минатите години. Некаде, пак е падната цената каде што нема пат и други инфраструктурни услови, како потегот над Болницата“, напоменува Трајкоски.
За странците пак најпривлечна инвестиција во недвижнини во Охрид и понатака се куќите во стариот дел од градот. Но, при тоа се претпазливи затоа што нема урбанизација, ДУП е повлечен. И досега во тој дел тешко се добиваше дозвола за градба , а така ќе биде и по мораториумот, вели Трајкоски. Но, затоа пак изненадување има во побарувачката на куќи надвор од градот.
„Се бараат куќи што не беше случај во изминатите години. Купувачите бараат полуксузни куќи со видик на потегот Велестово, Горно Коњско и Шипокно. Иако, во селото Шипокно нема добра патна инфраструктура има побарување за купување на куќи“, посочува Трајкоски.
На пазарот на недвижности најслаб е интересот за купување на деловни простори.