Skip to main content

Пак се сече

Паркот пред хотелот „Инекс Олгица“ во месноста Горица 2, остана без седум повеќегодишни стебла. Минувачите и вљубениците на природата прашуваат зошто дрвата се исечени и дали исечените дрва ќе бидат заменети со нови. Од Локалната тврдат дека ќе бидат испочитувани законските одредби. Од граѓанската иницијатива Охрид СОС , пак, бараат транспарентност и статистика од локалната, колку дрва се исечени со одобрение на територија на општината во последните 2 год, колку се засадени на нивно место и колкава е нивната успешност.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Паркот пред хотелот „Инекс Олгица“ во месноста Горица 2, остана без седум повеќегодишни стебла. Минувачите и вљубениците на природата викендов беа непријатно изненадени. Прашуваат зошто дрвата се исечени, коментирајќи дека тие се најголемото обележје на овој дел од градот. Од хотелот информираат дека се работи за превентивна сеча од безбедносни причини на четири кедери и три бора, кај коишто е настанато сушење од врвот на дрвото, што било констатирано од надлежниот инспекторат и комисија при локалната самоуправа. Од хотелот „Инекс Олгица“ појаснуваат дека се исечени само дрвјата кои соодветно биле обележани од службени лица, согласно Решението издадено од надлежната општинска комисија уште во месец јуни оваа година, а сечата е извршена сега за да не биде во главната туристичка сезона.

Нема никаква фама и никакво недоразбирање, можат да бидат граѓаните спокојни. Се работи за сосема исправна процедура бидејќи уште од 7ми Мај оваа година АД „Инекс Горица“ побарале да се пресечат тие дрва. Комисијата утврдила дека тие дрва не можат да се рехабилитираат и дека се опасни и мора
да се сечат, објаснува Томе Џамтоски, потпарол на Локална самоуправа.

Но, вчера не се исекоа само 7 дрвја и само таму, тврдат од невладината СОС. Според нив се сечело и на парцела 5976/1 која е во државна сопственост, а за која решението јавноста не го видела. Во согласност со законски регулираното право на пристап до информации бараат да им се достави Евалуацијата за исечените дрва врз основа на која се дошло до стручна констатација дека дрвата за кои е донесено решението за сеча биле веќе исушени, односно дека не можеле да се рехабилитираат. Исто така, го бараат и списокот на комисијата која одлучувала со стручното звање на секој од членовите. Прашуваат и дали исечените дрва ќе бидат заменети со нови.

Барателот Инекс Горица според Законот за урбано зеленило е обврзан да посади соодветни зимзелени и листопадни дрва постари од шест години и да имаат збирен пречник кој одговара на пречникот на пресечените дрва, вели Џамтоски.

Oд „Инекс Олгица“информираат дека континуирано водат грижа за зеленилото и дрвата околу комплексот и постојано вршат засадување на нови дрвца во нивниот парк за да се зачува препознатливиот амбиент на овој простор.
Активистите од ОХРИД СОС , пак, го повикуваат градоначалникот и неговите стручни служби да дадат отчет за спроведените компезаторски мерки кои се пропишани со закон, на секој од субјектите на кои им издале одобрение за отстранување зеленило и тоа барем во последните 2 години. За сите оние субјекти кои извршиле надоместување на загубата во дрва со засадување нови колкава е успешноста на засадените. Но и какви мерки биле преземени против оние кои не ја си исполниле обврската.