Skip to main content

Водата за пиење од селските водоводи во Дебрца не е сподоред законските стандарди

Градоначалникот Ногачески апелира до месните заедници да склучат договори со Јавното Комунално претпријатие за да ги препуштат водоводите на одржување. И понатака месните заедници и општините никако да најдат меѓусебен договор за управување со селските водоводи.

 |  Валентина Неловска  | 

Жителите од повеќето села од општина Дебрца пијат вода со лош квалитет. Тоа се должи на нестручното управување со водоводните системи кои се под надлежност на месните заедници, вели првиот човек на општина Дебрца, Зоран Ногачески .

„Еден од пропблемите со кои се соочуваме е тоа што до крај не е уредено управувањето со водоснабдителниот систем. Во еден дел е затекната стара состојба каде со водоснабдителниот систем управуваат месните заедници. Според Законот за вода тоа не е дозволиво. Проблемот е во здравствената исправност на водата за пиење. Анализите на Центарот за јавно здравје покажуваат дека не се врши квалитетно и навремено хлорирање на водата“, вели Ногачески.

Ние како ЛС имаме тенденција да испорачуваме квалитетна вода на жителите доколку месните заедници ни ги препуштат водоводните системи со кои сега стопанисуваат, вели Ногачески. Потенцира дека една одредба од Законот за води ги попречува да го преземат целосното управување со водоводните системи.

„Во законот за води и водоснабдителните системи постои одредба со оние водоводни мрежи кои се изградени со месен самопридонес на жителите треба да се предадат врз основа на договор склучен меѓу советот на општината и советот на месните заедници“, подвлекува Ногачески.

Градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, информира дека сите населени места во општината имаат водоводи со исклучок на селото Слатински чифлик. Деновиве, започна градењето на цевководот и во ова село. Проектот предвидува изведба на водоводен цефковод од Издеглавје до Слатински чифлик во должина од 2586 метри. За негова реализација се издвоени околу 3 и пол милиони денари од Бирото за рамномерен регионален развој од Програмата за развој на специфични подрачја.