Се поставува фекална канализација во делови на Лескоец
Зафатите на неколку споредни улички треба да завршат за 10 денови. Работите ги изведуваат екипи од ЈП Нискоградба и од градежната фирма Бокоп која го доби тендерот за поставување на фекална и улична канизалција на територија на општина Охрид.
Повеќе споредни улички кои се сечат со главната улица Илија Смически во Лескоец ќе бидат поврзани на фекална канализација. Се поставуваат цевковод фи 200 и шахти. За дел од жителите од Лескоец тоа ќе значи решавање на голем комунален проблем и крај на постоечките септичките јами на кои досега беа поврзани жителите од ова приградска населба.
„Екипи на Нискоградба работат на градежни зафати на 3 краци од улицата Илија Смически во должина од околу 300 метри. Планирано е да се работи и на уште еден крак и на дел од патот што води од селото Лескоец кон селото Лакочереј“, информира портпаролот на општина Охрид Томе Џамтоски.
Во изминативе 4 години, почнувајќи од 2016 досега, на главните улици Илија Смически и Рашанец, како и на споредните улички кои се сечат со овие две улици во населбата се поставени околу 2 км фекална канализација. На поставување на фекалната канализација покрај екипите на ЈП Нискоградба ќе работат и екипи од градежната компанија која го доби тендерот за поставување на фекалната канализација.
„Се очекува да работат екипи од компанијата Бокоп. Општина Охрид има договор со Бокоп по распишаниот јавен тендер во висина од 2,4 милиони денари за поставување на фекална и улична канализација на територија на општина Охрид“, напоменува Џамтоски.
Поставувањето на фекалната канализација во Лескоец треба да заврши за 10 дена, напоменува општинскиот портпарол , според програмата на Фондот за комунални дејности.