Комуналец ќе набавува специјална алга за спречување на самозапалувањето на ѓубриштето
Депонијата Буково од која подолго време се издига чад во моментов ја одржува ЈП Охридски Комуналец. Од претпријатието со нивна машина ја покриваат депонијата со земја.
ЈП Охридски комуналец бара начини како да се справи со чадењето на депонијата Буково. Горењето на депонијата се случува под дејство на хемиски процес, во услови на недостаток на кислород и ослободување на метан. Тој е гас кој предизвикува ефект на стаклена градина и со палењето се ослободуваат јаглероден диоксид и други токсични материи.
„Ние цело лето потрошивме огромни средства и многу труд вложивме за покривање со земја на делови каде што гори депонијата. Но, таа оксидира и ова е максимум што ние може да направиме. Во тек е јавна набавка на прскање на депонијата со специјална алга која од искуство на другите општини имало поголем ефект.На овој начин ќе се обидеме да ја санираме депонијата да нема чад и пожари“, кажува Љупчо Грданоски, директор на ЈП Охридски Комуналец.
ЈП Охридски комуналец ја одржува депонијата Буково која треба според препораките на Унеско да биде затворена до 2021 година. Од раскинувањето на тендерот за одржување на депонијата со фирмата на советникот Нефи Усеини досега нема распишан нов тендер. Можност за распишување на нов тендер ќе има со новиот план за јавни набавки за 2020 година, напоменува Љупчо Грданоски, директор на ЈП. Засега за одржување на депонијата се потпираат врз сопствена механизација и човечки ресурси.
„Иако сметам дека тоа не доволно заедно со Локалната самоуправа сме во инвестициски циклус кој почна минатата година и сме во план во 2020 да набавиме специјални возила со кои ќе имаме поголеми можности за подобро и поодговорно одржување на депонијата се до самото затварање на истата“, вели Грданоски.
Постои ли реална можност депонијата на Буково, да се затвори до 2021 година , како еден од најголемите загадувачи на животната средина, Грданоски одговара дека е потребно алтернативно решение. Се дотогаш ќе се користи Буково , а се чека Владата да донесе решение каде ќе се гради регионална депонија за Југозпадниот плански регион
.