Пропадна и вториот тендер
И вториот тендер распишан од страна на Општина Охрид за изнаоѓање најдобар изведувач за промена на старите излози, неуспешен. Цената на единствениот понудувач, повисока од предвидената. Општината ќе распишува трет јавен повик за реализација на овој интересен проект.
Пропадна и вториот тендер распишан од страна на Општина Охрид за изнаоѓање најдобар изведувач за промена на старите излози. Секторот за поттикнување и развој на туризмот при Министерството за економија пред една година даде иницијатива за промена на некои излози во чаршиите во неколку градови во државава. Од охридскиот сектор за туризам и локален економски развој аплицираа со проект за промена на шест излози. Тој беше прифатен и на општинава и беа доделени 700 000ден. Треба да се менуваат четири излози на улица Климент Охридски и два на улица Илинденска.
Фирмата која се јави на овај повик е Иден декор трејд од Крушево, а нивната цена ја надминува цената доделена од Министерството за економија, вели Томе Џамтоски- портпарол на Општина Охрид.
Целта на проектот е зачувување на културното наследство и враќање на автентичноста на објектите. Со промена на старите излози ќе се воспостави рамнотежа помеѓу потребите на современиот живот и зачувување на културното наследство истовремено почитувајќи ги традиционалните вредности. За сите објекти изработен е основен проект за конзервација и реставрација, вклучително и конзерваторско одобрение. Излозите треба да се изработени од масивно дабово дрво и термопан стакло, да имаат оков од ковано железо, а вратата да биде од дрво. Рекламното пано да биде од дабово издлабено дрво без никакви светлечки ефекти. Општината ќе распишува и трет тендер за реализација на овој проект.
Евалуацијата допрва ќе се направи. Не можам да тврдам дали ќе се изменат условите во тендерот и дали ќе се зголеми сумата бидејќи тие средства од поодамна се дадени од Министерството за економија. Но, може да се побара во самата постапка одредена партиципација од сопствениците на дуќаните, вели Џамтоски.
Инаку рокот за извршување на работите е триесет дена од издавање на налог за работа за секој објект посебно. Рокот за извршување на работните активности започнува да тече од денот на неговото издавање.