Лео Нелоски, дете научник
Лео Нелоски, ученик во Основното училиште „Григор Прличев“ освои прва награда на државниот натпревар по физика одржан по повод Месецот на науката. Лео е ученик во шесто одделение, па предметот физика сеуште не го изучува. Но, неговата дарба за природните науки, математиката и физиката му овозможува со посебна леснотија да ги совладува.
Лео Нелоски, дете научник. Овај 11годишен ученик во Основното училиште „Григор Прличев“ освои прва награда на државниот натпревар по физика одржан по повод Месецот на науката. Тема на натпреварот бил Паскаловиот закон, неговите карактеристики и примена во секојдневниот живот. Многу интересно е што Лео е ученик во шесто одделение, па предметот физика сеуште не го изучува. Но, неговата дарба за природните науки, математиката и физиката му овозможува со посебна леснотија да ги совладува.
Сам ги учам, едноставно ми е без разлика што не учам физика. Интересно ми е, тие науки јас ги сакам многу и затоа ми е интересно, вели Лео.
Лео оди на натпревари уште од својата шеста година. Досега има учествувано дури на 38 и од сите нив се враќа со награди. Има освоено и девет пехари. Натпреварувањето воопшто не му паѓа тешко, ниту пак нешто посебно се подготвува. Тоа за него е секојдневна преокупација и интерес.
Очекував награда, воопшто немав трема, беше едноставно и добро. Но, не мора и секогаш да се земе награда, важно е да се учествува, вели Лео.
Покрај со наука Лео се занимава и со музика. Свири пијано и освои второ место на државниот натпревар. Игра тенис, пинг понг и шах. Од странските јазици посебен интерес покажува кон германскиот, а го достигна и десеттото ниво во програмата Брејн о брејн. ЗА сите овие успеси голема заслуга имаат и неговите родители кои максимално го поддржуваат. Лео иако ги сака сите природни науки и во иднина се гледа во повеќе професии, најголема желба му е да стане лекар.