Охриѓани денес непријатно разбудени од сон
Земјотресот кој утрово ја погоди соседна Албанија, силно ги вознемири охриѓани. Тие стравуваат од нови потреси. Во Центарот за управување со кризи засега нема пријави од граѓани за евентуални штети предизвикани од земјотресот во Охридскиот регион и околината.
Охриѓани денес непријатно разбудени од сон. Во четири часот земјотресот со јачина од 6.4 степени според Европската макросеизмичка скала кој ја погоди соседна Албанија и се почувствува во целиот регион ги вознемири граѓаните на Охрид.
Не вознемири зошто два пати тресеше, првиот пат послабо, а вториот пат многу силно, вели еден граѓанин.
Секој жив човек ќе се исплаши од таа работа, поготово оние кои се во високите згради, додава друг.
Моментално сум во стан и не ме вознемири зошто не ми е прв пат, кажува еден охриѓанец.
Во 3.56 ме разбуди, ме вознемири и слегов долу пред зграда, вознемирено раскажува еден сограѓанин.
Многу не вознемири, господ да ни е напомош, вели една охриѓанка.
Силниот потрес ги потсети охриѓани на серијата земјотреси кои го зафатија градов летото 2017, а најјакиот од нив беше 5.1 степен. Тоа лето буквално се живееше во страв од нов земјотрес, а граѓаните стравуваат и сега да не има нови потреси.
Ова е такво подрачје, мора да има нови потреси. Природа е тоа. И да се повтори ништо не се менува. Не можеме да го измениме ние тоа, велат граѓаните.
Според информациите на Институтот за сеизмологија, во регионот на Охрид, Струга и Дебар, земјотресот бил почувствуван со јачина од 5 степени спорд Европската макросеизмичка скала, додека во Кичево истиот бил регистриран со јачина од 4 степени. Како што информираат од Центарот за управување со кризи, засега нема пријави од граѓани за евентуални штети предизвикани од земјотресот во Охридскиот регион и околината.