Хотел Силекс по втор пат организира Новогодишен базар
Тоа ќе биде можност да се изложат и купат различни предмети изработени од вредните раце на на охридските креативци. И оваа година ќе излагаат десеттина излгачи на разни ракотворби.
На 30 и 31 декември во хотел Силекс ќе се одржи Новогодишен базар на охридски ракотворби. Главен организатор на предновогодишното случување е хотелот, а на него по втор пат ќе учествуваат десеттина излагачи. Драган Георгиевски, книговезец и изработувач на кожни премети е еден од учесниците на базарот од минатата, а ќе учествува и оваа година.
„Побарувачката не е само на сувенири, туку и на други ракотворби и корисни предмети. На базарот може да се најде за секој вкус по нешто, секаков вид употребни и украсни предмети“, вели Георгиевски.
Едно вакво случување е раздвижување на предновогодишната атмосфера во градот. Сетоа тоа покажува дека за базарот има интерес и од охриѓани и од гостите кои доѓаат да ги поминат новогодишнотите празници во Охрид. Тоа е можност да купат подароци за блиските или да понесат некој спомен за себе. Од друга страна, тоа е една можност да се покаже и колку се вредни и креативни охридските изработувачи со различни креации. Георгиевски раскажува за своето искуство од минатата година.
„Најчесто се барани сите кожни производи. Од мојот асортиман сепак најбарани се кожните, минијатурните бележници. Нив најчесто ги сакаат малите деца“, споделува Георгиевски.
Покрај кожените различни предмети и сувенири, на новогодишниот базар ќе може да се најде и рачно изработен накит, предмети изработени во техниката декупаж и најразлични топли, одевни плетени предмети.