Skip to main content

Одблокирана жиро сметката на ОУ Григор Прличев после 6 години

Во изминативе две години локалната самоуправа го  исплати наследениот долг во висина од 38 милиони денари. Локалната самоуправа во проектираниот буџет за 2020 година со 25 милиони денари ќе ги поддржува сите општински училишта во престојната година. 

 |  Валентина Неловска  | 

Заврши агонијата за ОУ Григор Прличев по одблокирање на училишната жиро сметка. По долги 6 години сега ќе работи со одблокирана жиро сметка. Во изминативе две години ги исплативме наследените долгови во висина од 38 милиони денари кои беа причина училиштето да работи со блокирана сметка, рече охридскиот градоначалник Константин Георгиески.

„Со овој чин едно од најстарите и најголеми училишта во Охрид ќе има можност нормално да функционира, да инвестира во инфраструктурата и во подобрување на квалитетот во образованието. Како и досега и оваа и другите училишта ќе ја имаат поддршката од Локалната самоуправа“, напомена Георгиески.

Директорката на ОУ Ивана Маховска Шикалеска , напомeнa дека наставниот кадар и во мошне тешки услови за работа во изминатите години вршеле квалитетна наставна програма, користејќи ги постоечките ресурси. Предизвик во наредниот период ќе им биде следење на новите техники кои се применуваат во наставниот процес и обновување на нагледните средства. Како менаџер на училиштето Маховска Шикалеска веќе презема идејни пректи.

„ Формиравме тимови кои ќе работат на проекти. До завршување на полугодието ќе стапиме во контакт со сите амбасади кои нудат грантови за модернизација на наставниот процес во училиштата, а другиот план е аплицирање на Еразмус плус програмата“, напоменува Маховска Шикалеска. 

1096 ученици посетуваат одделенска и предметна настава во ова училиште и во подрачното во Рача, а за нивното образование се грижат 83 наставници. Градоначалникот Константин Георгиески напомена и дека Локалната самоуправа во проектираниот буџет за 2020 година со 25 милиони денари ќе ги поддржува сите општински училишта во претстојната година.