Општина Вевчани се подготвува за одржување на празникот Василица
Се прават завршни подготовки за дочек на гостите кои од година во година во се поголем број се дел од карневалот кој е вековна традиција на вевчанци. Завршено е поплочувањето на уличките со камени плочи, набавена е нова механизација за чистење снегот, а завршени се и градежните работи на мултифункционалната зграда.
Во Вевчани се прават последните завршни подготвки за одржување на традиционалниот Вевчански карневал на 13 јануари. Оваа вековна традицонална манифестација привлекува се поголем број гости во Вевчани за да бидат дел од карневалското случување. За претстојниот празник општината уште во текот на есента реализира бројни проекти и градежни зафати за да се подобри инфраструктурата. Завршени се градежните работи на мултифункционалната зграда, уличките се поплочени со камени плочи во должина од околу 1 км, а набавена е и нова механизација за зимско одржување на патиштата, информира Сашо Јанкоски, градоначалник на општина Вевчани.
„Во последните 2 години одлично се справуваме со одржувањето на патиштата за разлика од околните населби. Вевчани е чисто и проодно. Набавивме нова механизација, мора да се пофалам, преку проект на УНДП набавивме трактор со штица за чистење снег, мали фрези за расфрлање на снежните наноси за уште поспремни да ја дочекаме и оваа зима“, подвлекува градоначалникот Јанкоски.
Вевчанскиот градоначалник Јанкоски напоменува дека после 23 години се реконструира влезот од месноста Суво поле до Вевчани.Тој пат ќе продолжи да се гради со регионална обиколница, која ја нарекуваме југ, појаснува Јанкоски за мошне важниот инфраструктурен зафат кој ќе следува. Обиколницата ќе води кон селата Октиси, Шум, Заграчани и ќе излегува кај Радолишта и кон Ќафазан.
„Се растеретува сообраќајот низ Вевчани .Има тесни улички , пристапот кон Здравствениот дом ќе е побрз за локалните населби. Здравствен дом опслужува 30.000 жители од Октиси, Лабуништа, Велешта, Подгорци и други села“, појаснува Јанкоски.
Вевчанскиот градоначалник, Јанкоски вели, јас сум на половина мандат, кога дојдов не наследив нити еден проект. Ветив експанзија на Вевчани и тоа е видливо. Нашиот општински буџет е скромен, но со работа на проекти од Бирото за рамномерен регионален развој, Центарот за Југозападен плански регион, УНДП и фондовите од Европската Унија се добиени средства за реализација на бројни зафати. Со тоа Вевчани добива се поурбан изглед и можности за развој на руралниот туризам.