Локалната работи на изработка на основен проект за изградба на ново школо и на доградба на градинката
Се планира нова зграда на местото од стариот објект на ОУ Григор Прличев. Во тек е изработка и на проект за надградба на зградата на централната градинка. Локалната ќе инвестира и во реновирање на училишните тоалети во сите општински училишта.
Охрид е град во кој повеќе од 3 децении не е изградено ново училиште. Плановите на градоначалникот Константин Георгиески се дека градот заслужува да добие нов училишен објект и доградба на централниот објект на детската градинка Јасна Ристеска. Локалната самоуправа со сопствени средства и преку разни проекти постојано инвестира во реновирање на сите општински училишта, меѓу кои и во ОУ Григор Прличев кое по 6 години кон крајот на минатата година започна да работи со одблокирана жиро сметка.
„Во поновиот објект на ОУ Григор Прличев е реновирана дограмата со пари од Министерството з а образование во висина од 1 милион и 600 илјади денари. Имаме планирано уште 1 милион денари да го завршиме новиот објект со нова дограма. Се надевам дека во 2021 ќе започне со изградба на нова училишна зграда на местото на старата, “ најави Георгиески.
Градот има потреба и од проширување на капацитетот за сместување и во објектот на централната градинка Јасна Ристеска , па Георгиески најави и проширување на овој објект.
„Нашиот план е започнат и во тек е изработка на основен проект за изградба на нова градинка на местото на постојната која ќе е на два ката и со зголемен капацитет“, инфомира градоначалникот Константин Георгиески.
За оваа година, најави има за инвестиции во реновирање на тоалетите во сите општински училишта. Во општинскиот буџет има планирани 25 милион денари за сите школи и локалната ќе распише тендери наскоро. Исто така, локалната ќе продолжи и со поставување на фотоволтаични панели на школските кровови. Засега има поставено сонечеви панели на 6 објекти.