Во Охрид регистрирани единаесет случаи на заболени од грип
Пикот на заболувањето се очекува во месец февруари. Од Центарот за јавно здравје напоменуваат дека сеуште има време за имунизација.
Единаесет случаи на заболени од грип се засега евидентирани во охридскиот Центар за јавно здравје. Кај лицата заболени од грип во земјава е изолиран грипот АХ3Н2, додека за Охридско-струшкиот регион се чекаат резултатите од земените брисеви. Прв пат се пријавени 11 лица заболени од грип минатата недела. Дел од нив завршиле на инфективното одделение при Општа болница Охрид, информира д-р Јованка Стурлакова Коровешоска. Бројот на заболени од грип е поголем од 11, а заболените не се регистрирани заради празничните одмори. Пикот на грипот се очекува следниот месец.
„Во последните 5-6 години со враќањето на децата во училишните клупи по завршување на училишниот распуст се јавува и првата група од заболени возрасни деца од училишна и предучилишна популација“, напоменува д-р Јованка Стурлакова Коровешоска .
Во Центарот за јавно здравје досега се имунизирале 1050 граѓани со хронични болести со бесплатна имунизација од Министерството за здравство и 700 граѓани со комерцијална вакцина.
„Оние кои сакаат да се заштитат има време да се имунизираат против сезонски грип. Вакцината е за периодот 2019 -2020 година “, напоменува д-р Јованка Стурлакова Коровешоска.
Во општина Охрид, сеуште, е мал бројот на медицински лица кои се вакцинираат против сезонски грип. Годинава се имунизирале околу 215 здравстените работници од Јавните здравствени установи. Во развиентите земји ,според статистиката на СЗО, се имунизираат и деца, а кај нас сеуште нивниот број е многу мал. Тоа се должи на ниската здравствена свест, укажува д-р Стурлакова Коровешоска. Во Охрид се имунизираат годишно само 3 до 4 деца кои боледуваат од хронични болести.
Минатата година во Охрид од компликации на сезонскиот грип биле регистрирани 5 смртни случаи на лица со хронични болести , а кои не биле имунизирани.