Skip to main content

Формиран Меѓудржавен Комитет за заштита на Охридското Езеро под Унеско

Со тоа се  исполнува една од дадените препораки на состанокот на Генералниот Комитетот на Унеско во Баку. Двете земји  се обврзаа на заеднички цели и одлуки во интерес на регионот кој е дел од Светското културно наследство.  

 |  Валентина Неловска  | 

За да се одржи статусот на Охридскиот басен како дел од културното и природно Светско наследство под Унеско од двете страни на езерото се формира Меѓудржавен Комитет за заштита, помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија.  Едмонд Адеми, претседателот на Националниот комитет на Унеско, кажа дека во иднина двете земји ќе имаат обврски и задачи во процесот на менаџирање на сите активности кои се однесуваат на Охридскиот регион.

Сите одлуки ќе се носат со консензус било да станува збор за рибниот фонд, заштитата на културното и природното наследство или други прашања кои ќе се отворат од интерес за регионот. Тие заеднички ќе се носат и ќе мора да ги почитуваат двете страни“, напомена Адеми.

Формирањето на Меѓудржавниот Комитет за Унеско и Охридскиот басен е значен чин во насока на исполнување на препораките на Унеско, истакна и охридскиот градоначалник Константин Георгиески.

„Со заштитата на Албанскиот дел на Езерото и на поседот на Република Албанија и влегувањето на листата на Унеско на последната сесија во Баку нормално е заеднички да пристапиме кон исполнување на препораките за заштитата на Езерото, но и на понатамошните цели во таа насока“,кажа Георгиески.

Ист став има и Илир Џакули, градоначалник на соседен Поградец. Градоначалникот на крајезерски град од Албанската страна вели дека тоа е проект кој припаѓа на двете страни на Езерoто.

„Ова е заедничка соработка и обврска. Ние ќе дадеме се од себе да направиме напори сите проекти да се спроведат. Особено оние за чистење и одржувана на езерото, буквално. Ние секогаш ќе се ангажираме и ќе се потрудиме да станат реалност“,кажа Илир Џакули градоначалникот на Поградец.

Сокол Ѓока , Генерален секретар на Албанскиот комитет на Унеско , во обраќањето кажа дека им е чест да се востанови заеднички комитет за управување и одредување на вредностите на кои ќе работат во иднина.

„Границите на светското наследство, како што знаете, беа проширени минатата година и на територија на Република Албанија. Ние од наша страна ќе направиме се што е потребно да се задржи статусот на светското културно и природно наследство и да ги афирмираме вредностите кои не обединуваат “, рече Ѓока.

Меѓудржавниот Комитет ќе го сочинуваат претставници од Министерставата за култура, од Македонска страна ќе има претставник од Управата за заштита на културните споменици, од Министерствата за животна средина, Локалните самоуправи од Охрид и Поградец, како и членови од невладиниот сектор, од Македонска страна ќе има претставник од Фронт 21/42.