Skip to main content

Oхриѓани наместо на скијање одат на летување во топлите краишта

Некои граѓани пак поради недостокот од снег во скијачките центри се одлучиле за летување на егзотични дестинации.  Патувале на топлите краишта во Египет, Дубаи или Куба. Се менуваат навиките и при планирањето на годишните одмори па се резервираат аранжмани со рани уплати за летниот период.

 |  Валентина Неловска  | 

Во овој зимски период охриѓани, но и граѓани од цела Македонија заминуваат на зимски одмор во познатите ски центри. Најмногу се барани аранжманите за зимување на дестинации во Бугарија и Србија, информира Јаким Маленко од ТА Вис пој.

„Тоа се центрите во соседна Бугарија, Боровец и Банско. Од оваа година и Пампорово почна да станува интересна дестинација. Доста граѓани се одлучуваат да се одмараат и таму како помирно место и нешто ново. Во тој поглед , предност имаат соседните држави, покрај Бугарија тука е и Копаоник. Но, се патува и во останатите Европски држави Австрија, Швајцарија, Италија“, набројува Маленко.

Временските прилики ова зима и недостокот од снег во регионот пак ги натера граѓаните со подлабок џеб да го заменат зимувањето со летување. Оние кои не можат да ја доживеат зимската идила избираат други дестинации со топла клима. И додека интересот за заминување се намалил се зголемила продажбата на туристички аранжмани за летување во зима.

„Многу луѓе се одлучија за топлите краишта. Годинава тренд на летување во зимскиот период кај нашите клиенти е да одат на море во Египет, Дубаи, Анталија во Турција. Доста аранжмани се продадоа и за Куба“, подвлекува Маленко.

Се менуваат навиките и при планирањето на годишните одмори па се резервираат аранжмани со рани уплати за летниот период. За летната сезона 2020 , се прават рани уплати кои имаат попуст и до 50 проценти и на тој начин може многу да се заштеди. Се резервираат аранжмани за Грција, Египет, Турција и Шпанија. Но, интерeсни се туристичките празнични патувања во Eвропските градови, споделува Јаким Маленко од ТА Вис пој.