Се зголемува бројот на кандидати кои се пријавуваат за полагање за возачи на автобуси, камиони и шлепери
На домашниот пазар на труд се барани возачи од овие категории, но тие најчесто заминуваат во странство. Во пораст е и бројот на кандидати кои се пријавуваат за управување на автомобили или Б категорија.
Возачи на камиони, автобуси и шлепери се дефицитарни на домашниот пазар на труд. Иако минатата година над 600 кандидати од Охрид се пријавиле да полагаат за возачи од C, D и E категорија недостауваат возачи. Од пријавените кандидати само 76 мина се стекнале со дозвола за управување на овие категории возила, информира Никола Кукоски ,раководител на испитниот центар „Современ возач“.
„Според моите последни сознанија домашните компании едвај се снаоѓаат со кадар за високите категории, најверојатно примањата во странските компании се далеку повисоки “, напоменува Кукоски за моменталните состојби во оваа област.
Бројките на пријавени кандидати за поседување на дозволи за управување со високи категории покажуваат дека во 2019-та година споредено со 2018 тој број е во пораст.
„ За разлика од Б актегоријата кај повисоките категории имаме кандидати кои се во поодмината возраст и се затекнале во животот во криза па полагаат така речено на старост. Ги користат повисоките категории како професионално занимање за да можат да обезбедат егзистенција“, подвлекува Кукоски.
За полагање на Б категоријата 99 проценти од младите кои наполнале 18 години бараат да посетуваат часови за обука во авто школите. Минатата година за Б категорија се пријавиле 795 кандидати. Од нив 540 кандидати се стеканел со дозвола за управување автомобил и ги поминале критериумите за полагање на Комисиите во Испитниот центар Современ возач. За управување со А категорија или моторцикл се пријавиле 48 кандидати од кои 42 се стеканле со дозвола за возење.