Промовирана стихозбирката „Мојата шарена стихувалка “ од деветоодделнката Матеа Стоев
Книгата беше промовирана во рамките на програмата за одбележување на патроантот на ОУ Григор Прличев. Промотор на книгата беше професор Мимоза Сталевска која даде свој осврт кон делото.
Со промоција на своето поетско првенче , стихозбирката ,,Мојата шарена стихувалка“ ученичката Матеа Стоев беше дел од програмата за одбележување на патрониот празник на ОУ ,,Григор Прличев “ Охрид . На промоцијата поздравен збор имаше директорката Ивана Маховска Шикалеска која ја искажа својата гордост што Матеа е ученик токму во нивното училиште и што ја имаат таа чест да бидат домаќини на промоцијата на нејзината прва стихозбирка, токму во деновите кога се празнува делото и ликот на великанот Григор Прличев.
„Не само Григор Прличев Сердарот туку и ние варботените се гордееме што Матеа Стоев е дел од нашиот тим. Ќе речам тим бидејќи со вакви ученици секогаш одиме кон победи“, кажа Маховска Шикалеска.
Промотор на книгата беше професор, Мимоза Сталевска, која даде свој осврт кон првото дело на младата поетеса Матеа Стоев.
„Бисерните ѓердани кои Матеа ги нарекува стихувалки се прекрасни во својата непосредност , разиграни во својот хумор , проникливи во својата остроумност , топли, весели и полни со фантазија “, истакнува професорката Сталевска .
Матеа Стоев, кажа дека е многу среќна што како љубител на книги , сега држи во раце нејзина книга. Упати голема благодрност до училиштето, своите соученици и до библиотеката Григор Прличев.
,,Сакам да Ви кажам , впрочем како и што напишав во книгата, да се верува во некого значи многу , но верувајте , да се верува во едно дете навистина значи премногу“, кажа Матеа Стоев.
Матеа Стоев, со своја песна учествувала на литературен конкурс ,,Средби под јаворите “ посветен на животот и делото на Видое Подгорец. Нејзиниот исклучителен талент го препознал детскиот писател Киро Донев и во конкуренција од 600 песни ја освоила првата награда. Писателот Донев бил главниот мотиватор Матеа Стоев да ги објави нејзините песни во една стихозбирка „ Моја шарена стихувалка“. Донев во неговата рецензија ќе напише ,, Матеа , пишувајќи , создавајќи –не следи никого! Ничиј стил , таа пишува само како Матеа Стоев! Пишува со перото на детството.Затоа секоја нејзина песна е налик на поетска разгледница која им ја испраќа подеднакво и на децата и на возрасните. Нејзиниот поетски израз е едноставен и разбирлив, а во едноставноста се крие најголемата мудрост “.
Автор на илустрациите на стихозбирката ,,Мојата шарена стихувалка“ е канадскиот ликовен уметник Мајкл Клос.