Општа болница Охрид ќе добие апарат за магнетна резонанца
За две недели ќе отпочне постапка за набавка на овој неопходен апарат за охридската болница. Со тоа ќе се скрати времето за чекање на термин за преглед на пацинетите и трошоците за патување на Клиниките во Скопје, најави од Охрид министерот за здравство Филипче.
Ресорното министерство обезбедило средства за набавка на апарат за магнетна резонанца за потребите на Општа Болница Охрид и специјалната болница Св. Еразмо. Со тоа пациентите ќе имаат подобар пристап кон здравствените услуги во болниците, најави министерот за здравство Венко Филипче од Охрид. Со набавката на овој современ апарат ќе се скрати времето на чекање за снимање и за оперативните интервенции, кажа Филипче.
„ Направивме информација за Владата со која се обезбедува средства во рамките на развојниот буџет на министерството за здрвство да обезбеди средства за магнетна резонанца во Охрид, Гостивар и Прилеп. Во периодот кој следи , но не повеќе од две недели ќе започне постапката. Овие центри ги избравме врз основа на анализите на бројот на пациенти кои доаѓаат да се сликаат за магнетна резонца во Скопје. И тука се креираат големи редици на чекање, се одложуваат интервенции и се прават долги листи на чекање“, посочи Филипче
Филипче истакна дека се бараат начини секогаш пациентите да имаат 24 часовна медицинска заштита од матичните лекари и да се надмине недостатокот од специјалисти во јавното здравство. За таа цел ќе се применува Словенечкиот модел во ангажирање на матичните лекари,а од кои во моментов има посериозен недостаток во државата.
„Направивме модел на соработка преку договорите на Фондот за здравствено осигурување тие лекари да се на располагање како матични и во болничките установи.Пред се во болничките дежурства за што ќе бидат соодветно платени. И обратно каде што недостасуваат матични лекари, како што е случајот со гинеколози во Прилеп, ќе им биде дозволено преку посебен печат во Фондот, гинеколозите да работат како матични лекари. На тој начин, за што направивме измени во законот за здравствена заштита пред повеќе месеци, може да има циркулација на лекарите помеѓу болниците и здравствените домови, дури и каде што нема регистрирано дејност заради недостаток од одредени специјалисти за да им биде на сите отворена вратата“, појаснува Филипче.
Дирeкторката на Општа Болница, Славица Малеска Стојадиновиќ информира дека во 2018 година биле вработени околу 20 здравствени работници и доктори, а биле упатени лекари од различни специјалности на специјализација меѓу кои и педијатар. Во 2019 г. исто така бил вработен помошен технички и здравствен персонал кој недостигал во Општа болница Охрид, а биле набавени и апарати потребни за установата. Покрај тешката, затекната финансиска состојба болницата се бори со сопствени средства и со донации да се ублажат недостатоците. За решавање на проблемот со лифтот во интернистичкиот оддел е почната тендерска постапка, информира Малеска Стојадиновиќ.