Кабелските оператори ќе го прекинат реемитувањето на домашните и странските ТВ канали
Причината за ваквиот чекор се законските измени со кои на кабелските оператори им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат.
Прекинато ќе биде реемитување на сите домашни и странски ТВ канали преку македонските кабелски оператори. Тие ќе го пренесуваат само јавниот сервис – МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал. Ова едногласно го одлучи Здружението на информатичко – комуникациски технологии. Во соопштението упатено до медиумите се вели дека здружението се одлучило на овој чекор заради новите измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги што Собранието го донесе на 16.02.2020 година, на денот на распуштањето, по скратена и нетранспарентна постапка и без претходна јавна расправа.
За оваа принудна одлука, Здружението ги информирало Претседателот на државата, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, ресорните министри во Владата, АЕК, АВМУ, дипломатскиот кор, Делегацијата на ЕУ во земјава, Европската комисија, странските и домашните радиодифузери и домашната и меѓународната јавност.
Во соопштението стои дека причината за ваквиот чекор се законските измени со кои на операторите им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност. Тие не можат да имаат таква обврска која сега е дефинирана со Законот и е спротивна на ЕУ – директивите и на сите основни принципи на радиодифузната дејност и медиумската политика утврдени од страна на ЕУ, велат од здружението на информатичко – комуникациски технологии. За тоа, тие имале добиено и писмено мислење од страна на Делегацијата на ЕУ во земјава.
Воедно, од Здружението на информатичко-комуникациски технологии посочуваат дека поднеле барање до Уставниот суд за донесување времена мерка со која ќе се одложи неговата примена, заради неуставност.
Одлуката за прекин на реемитувањето на телевизиските канали ќе биде на сила сѐ додека надлежните институции не изнајдат прифатливо решение со кое ќе се стават вон сила спорните законски одредби.
Како резултат на неспроведливоста на Законот, а со цел корисниците на ТВ услугите да не бидат оштетени, операторите нема да го наплатат користењето на ТВ услугите за периодот додека трае прекинот, стои во соопштението на Здружението на информатичко – комуникациски технологии.