Обезбеден интернет пристап за учениците од семејства во социјален ризик
Картички за интернет ќе донира Македонски телеком. Потпишан договор за соработка помеѓу Македонски телеком и Министерството за информатичко општество.
Непречено образование ќе добијат сите ученици. За семејствата во социјален ризик е обезбеден интернет со картички преку Македонски телеком. Во овој период е особено важна солидарноста на сите чинители на општеството, порача министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски.
„Договорот што денеска го потпишавме со Македонски телеком овозможува образованието да биде достапно за сите. Имајќи предвид дека некои немаат интернет дома, Македонски телеком донира 18.400 картички со 10гб интернет месечно на социјално загрозени семејства кои имаат ученици во основно и средно образование“, кажа министерот Манчевски.
Интернетот ќе биде наменет само за пристап до алатките за следење на наставата.
Оваа можност семејствата кои имаат потреба од интернет, а имаат деца во основно и во средно образование ќе ја остваруваат преку Министерството за труд и социјална политика.