Skip to main content

Охридскиот кризен штаб бара забрана за влез на жители од други градови во Охрид


Оваа мерка е неопходна непосредно пред Велигденските празници, со цел да се намали, односно да се оневозможи посетата на градот за туристички, верски и рекреативни цели во време на епидемија, објаснуваат од кризниот штаб. 

 |  Валентина Неловска  | 

Воведување на забрана за влез на жители од други општини во Охрид и да се зголеми контролата на жителите од Охрид при влез и излез од градот. Ова е барање од Кризниот штаб на Општина Охрид за превенција и справување со Корона вирусот Ковид 19, упатено до Кризниот штаб на Владата. Охридскиот кризен штаб бара да се разгледа можноста за ваква мерка која сметаат дека е неопходна непосредно пред Велигденските празници, со цел да се намали, односно да се оневозможи посетата на градот за туристички, верски и рекреативни цели.

„Барањето се заснова и на фактот што во Охрид и околните крајбрежни населби има голем број на викенд станови и куќи чии сопственици во периодот на Велигденските и првомајските празници, ги користат за одмор и викенд престој. Врз основа на најавите за поволните временски услови кои се очекуваат во текот на наредните две седмици, оваа мерка е навистина неопходна.“

Оваа мерка значително ќе придонесе и за намалување на ширењето на вирусот и заштита на граѓаните на Охрид и од аспект на оневозможување редовна комуникација и фрекфенција на граѓаните од територијата на општина Струга и селата од струшкиот регион каде што бројот на заболени од Ковид 19 секојдневно расте, посочува градоначалникот Георгиески.

„Ова особено се однесува на градежни работиници кои работат на градежни објекти во Охрид, а потекнуваат од струшкото кризно подрачје.“

Во Охрид, со денешниот потврден случај има 4ца вкупно пациенти со КОВИД 19. Во соседна Струга бројката е поголема ,33 инфицирани со корона вирус од кои 3ца се новопотврдени во последниве 24 часа. Пикот на заразата, според здравствените власти се очекува на крајот на овој месец.