Антикорупциска комисија: Владата да ги преземе надлежностите за уривање на дивоградбите во Охрид, Струга и Дебрца
Државната комисија за спречување на корупцијата побара од Владата да ги одземе надлежностите на сите општини за уривање на нелегално изградените објекти во охридско-струшкиот регион под заштита на УНЕСКО. Одлуката на Комисијата е донесена откако утврдиле дека средствата кои ги предвидела Општина Охрид се премалку за оваа намена. Овој регион е под заштита на УНЕСКО и потребно е справување со бесправно изградените објекти, побара Билјана Ивановска, претседател на Антикорупциска комисија.
Владата да се справи со уривање на дивоградбите во Охрид, Струга и Дебрца а не локалните самоуправи, побара Антикорупциската комисија. На денешната прес-конференција ова го соопшти Билјана Ивановска, претседател на Државна комисија за спречување корупција по увидот што го направиле во јавните набавки за општина Охрид. При тоа констатирале дека е склучен само еден договор за уривање на дивоградбите. Ивановска кажа дека поради малиот износ на средства со кои располага општината за справување со дивоградбите, ќе се остави впечаток дека се постапува селективно при уривањето на дивоградбите.
„Општина Охрид само во 2019 година има склучено еден договор со еден економски оператор во вредност од 1,5 милион денари со ДДВ. Тоа е премал износ за справување со дивоградбите. ДКСК ќе испрати барање Владата да ги преземе сите надлежности на општините во овој регион кој е под заштита на УНЕСКО и да се справи со бесправно изградените објекти“, кажа Ивановска.
Уривањето на дивоградбите во Охрид требаше да почне од октомври минатата година, но досега беа отстранети само неколку нелегално изградени платформи на угостителски објекти на крајбрежјето и неколку куќи во градба, чии сопственици самите ги урнаа градбите. Константин Георгиески, градоначалникот на Охрид, во повеќе наврати алармираше дека е потребна помош од централната власт во справувањето со дивоградбите. Според регистерот на општината има утврдено 1076 дивоградби од кои 409 во заштитеното подрачје. Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, пак тврди дека на струшкото крајбржје не постојат дивоградби.