Од 8 јуни започнуваат полагањата во јунската испитна сесија на ФТУ Охрид
90 проценти од пријавените студенти во овој испитен рок ќе мора физички да се присутни на полагањата. За околу 10 посто од студентите ќе се организира он лине полагање за оние кои живеат подалеку од 50 км, се родители на деца до 10 години и се во самоизолација.
На Факултетот за туризам и угостителство од понеделник стартува јунската испитна сесија. Во тек е колоквиумската недела за над 630 студенти од овој факултет при Универзитетот Св. Климент Охридски. Од 8 јуни стартува јунската испитна сесија за која врз основа на барање на Студенското собарние на Универзитетот полагањето ќе се одвива со физичко присуство на студентите, вели Цветко Андреески, декан на ФТУ.
„За начинот на изведување на испитната сесија е донесена одлука на владата. Ние како факултет ќе ги испочитуваме сите прописи според одлуката. Ќе одржуваме дистанца меѓу студентите, тие ќе мора да имаат заштитна маска и ракавици на рацете. Во секоја просторија ќе има средства за дезинфекција и после секој термин на полагање ќе се дезинфицира просторијата каде што се полага и ќе има постојано проветрување“.
Според протоколот во секоја просторија ќе бидат означени местата за студентите и максималниот број за присуство на бројот на студентите во една просторија. Факултетот за туризам и угостителство за одреден број на студенти ќе организира и он лине полагање, вели Андреески.
„За одредени групи на студенти кои живеат подалеку од 50 км од локацијата на Факултетот, студенти – родители на деца до 10 години, како и за студенти кои се во самоизолација. Тие имаат право да побараат он лине полагање и професорите се обврзани да им обезбедат таков начин на полагање“.
Студентите за он лине плагање мора да достават потврда за потвдрување на својот статус, а станува збор за околу 10 посто од студентите од вкупниот број на 630 активни студенти. 550 студенти ќе полагаат со физичко присуство на јунската испитна сесија по неколку предмети.