Skip to main content

Ќе се изработува Студија за валоризација за Охридско езеро и изработка на нацрт–план за негово управување

МЖСПП во соработка со  проектната канцеларија на Обединети нации за животна средина во земјава овозможува  со изработка на Студија да отпочне  валоризација на Охридско Езеро и постапка за  ре-прогласување за заштитено подрачје во согласност со Законот за заштита на природата. Денес се одбележува  Светскиот ден на животната средина.

 |  Валентина Неловска  | 

Министерството за животна средина и просторно планирање го одбележува 5 јуни Светскиот ден на животната средина со најава за изработка на Студија за валоризација и Нацрт-План за управување со Споменикот на природата Охридско Езеро. Ресорното министерство во соработка со проектната канцеларија на Обединети нации за животна средина во земјава обезбедува поддршка на државата во проширување на мрежата на заштитени подрачја, како и поефикасно управување со заштитените подрачја, информира Искра Стојанова, претставник од канцаларијата на УНЕП. Една од целите на тековниот проект финансиран од ГЕФ (Глобалниот фонд за животна средина), во чии рамки се работеше и на иницијативата за Национален Парк Шар Планина, а покрај тоа, сега се отпочнува и со активностите на Охридското Езеро.

Охридско Езеро е едно од најважните екосистеми во државата, но и многу пошироко. Повеќе од 40 години е заштитено со закон на национално ниво,а во моментот е категоризирано како Споменик на природата. Сите заштитени подрачја кои биле прогласени пред донесување на новиот Закон за заштита на природа во 2004 година, треба да бидат ре-прогласени, во согласност со новиот закон и во тој контекст, потребно е да се изработи Студија за ревалоризација на Споменикот на природа Охридско Езеро“, појаснува Стојанова.

 

Со изработката на Студијата за валоризација на Охридско Езеро, се овозможува ресорното министерство да отпочне постапка за ре-прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во согласност со Законот за заштита на природата. Со изработка на план за управување ќе им се помогне на идните тела за управување на заштитените подрачја исполнување на одредбите од националната и меѓународната легислатива за заштита на природата, како и исполнување на барањата на ЕУ директивите за живеалишта и птици.

„Покрај исполнувањето на законската обврска, изработката на Студијата ќе има голем придонес во продлабочување на знаењето за богатството на Охридското Езеро и унапредување на научната работа во нашата држава. Планот за управување пак има за цел да ги постави правилата и обврските во управувањето со Охридското Езеро, што значи зачувување на неговите единствени природни вредности, но и негово паметно и одржливо искористување“, подвлекува Стојанова. 

Регионалната канцеларија на Меѓународната унија за заштита на природата за Источна Европа и Централна Азија како наш локален партнер, ќе соработува со нашите национални, но и со меѓународните експерти во процесот на изработка на Студијата и Планот за управување со Споменикот на природата Охридско Езеро, посочува Искра Стојанова, од УНЕП.
Се надеваме дека сите институции и организации чија работа е поврзана со Охридското Езеро, но и пошироката јавност, ќе го поддржат процесот на изработка на Студијата, а особено на Планот за управување со Охридското Езеро, каде што ќе биде неопходно да бидат вклучени многу активно, напоменува Искра Стојанова, претставник од УНЕП.