Skip to main content

Завршена е програмата за годинешното издание на Фестивалот Охридско лето

Од Националната установа имаат првичен предлог отворањето на јубилејното 60-то издание да биде на 4 август кога е роденденот на фестивалот. За конечната одлука на стартот сепак ќе се чека прогласување на крајот на пандемијата со Ковид 19 во државата.

 |  Валентина Неловска  | 

Завршена е програмата за годинешното издание на Фестивалот Охридско лето. Од Националната установа имаат првичен предлог отворањето на јубилејното 60-то издание да биде на 4 август кога е роденденот на фестивалот. Од Националната установа ги чекаат насоките од Владата и Министерството за култура, информира Наташа Поповиќ, директор на Фестивалот Охридско лето.

 „Одлучивме, но тоа секако е предлог, Фестивалот Охридско лето кога оваа година слави јубилеј, да се отвори на 4 август, кога почнал пред 6 децении и е роденден на фестивалот. Но, чекаме да се прогласи крај на пандемијата од страна на претседателот Стево Пендароски. Со поточни информации би излегле за две недели“, информира Наташа Поповиќ, директор на Фестивалот Охридско лето.

Со ребалансот на буџетот нема кратење од средствата и финансиски не е загрозено организирањето на фестивалот. Од НУ се во постојан контакт со уметниците кои треба да бидат дел од Охридско лето 2020 година. Во време кога неизвесноста е присутна во нашето секојдневие во сите општествени сфери, Поповиќ е задоволна што нема откажувања на гостувањата на учесниците.


 „Секако дека комуникацијата тече програмата е изготвена минатата недела и со домашните и со странските учесници нема откажувања. Се надеваме дека така ќе е и до крај. Ќе излеземе на прес конференција со програмата кога ќе го знаеме точниот датум на отворање оваа година“. 

Корона кризата ќе го смени начинот на реализација на настаните, можеби ќе има ограничен број на посетители, намален број на концерти и претстави, но никако нема да влијае врз квалитетот на она што ќе го понудиме, велат од Фестивалот Охридско лето. Во овој период се работи и на подготовка на сцените.