Дискредитација на кандидати за пратеници без воопшто да бидат исконтактирани
Рецензираме текст со наслов: „Кандидатката за пратеник Билјана Проеска од редовите на ВМРО од Крушево осудена!“, со кој голо се пренесува нешто што претходно било напишано на социјалните мрежи, без почитување на новинарските стандарди и проверка на фактите.
Пишува Весна Коловска
Рецензираме текст со наслов: „Кандидатката за пратеник Билјана Проеска од редовите на ВМРО од Крушево осудена!“, со кој голо се пренесува нешто што претходно било напишано на социјалните мрежи, без почитување на новинарските стандарди и проверка на фактите.
Во овој случај сајтот пренесува коментар на корисник на Твитер:
Ова ли се тие чесни и честити луѓе на Мицкоски, нови луѓе со кои нуди обнова?! Кандидатката за пратеник Билјана Проеска од редовите на ВМРО од Крушево осудена!!! Докажан криминалец! Кој сака нека честита (извор Твитер).
Во прилог на твитот е поставена пресуда на Основниот суд од Прилеп со 2015 година, со која кандидатката за пратеник од редовите на коалицијата „За обнова на Македонија“, Билјана Проеска, е осудена на три месеци затвор или една година условно за делото „Фалсификување исправа“.
Авторот на текстот, кој само го пренел напишаното на Твитер, не го проверил Изобрниот законик, со кој се регулирани условите за избор на пратеник. Во членот 7 став 3 од Изборниот законик (Сл. весник на Р Македонија бр. 72/2020 од 21.03.2020) пропишува:
Кандидат за пратеник, член на совет и градоначалник не може да биде лице кое: – е осудено со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над шест месеци, чие издржување се уште не е започнато и – се наоѓа на издржување казна затвор за сторено кривично дело (членот 7 став 3).
Во случајот со Проеска, досудената казна, дури и да е активна, нема да биде пречка за кандидатурата, која поминала во Државата изборна комисија, која по службена должност проверува дали предложените кандидати од пратеничките листи ги исполчнуваат законските услови.
Вистиномер ја контактираше кандидатката за пратеничка Билјана Проеска, која рече дека фактот дека нејзината кандидатура поминала во ДИК, е негирање на напишаното. До нашата редакција испрати Уверение за кривична евиденција од Основниот суд во Прилеп, со која се потврдува дека Проеска „нема обвинителен акти кој влегува во сила, ниту пак е донесена неправосилна осудителна пресуда“.
Новинарот, особено во предизборие е должен да ги почитува основните новинарски стандарди, а во најмала рака, да ги провери двете страни и да ги истражи и провери фактите. Пресликување на напишано од социјалните мрежи е изразена практика, особено во деновите на предизборна кампања, главно од дигиталните медиуми, но доколку наводите не се проверат, тие често се дезинформации и манипулации.
Вестите во рубриката „Лажни вести избори 2020“ во целост се преземени од сајтот vistinomer.mk, за потребите на пректот „Против дезинформации за поголема излезност на изборите“.
Авторските права се отстапени за потребите на пректот „Против дезинформации за поголема излезност на изборите“.