Skip to main content

Започнува собирање на стаклена амбалажа од домовите


Оваа акција ја реализира општествено одговорната компанија Пакомак, овластена за собирање на стакло за рециклирање. Граѓаните добиваат можност да се ослободат од непотребниот стаклен отпад со претходна најава, а ќе бидат стимулирани со скромен подарок за соработката од компанијата.  

 |  Валентина Неловска  | 

Засукајте ги ракавите и исфрлете го непотребниот стаклен отпад од домовите, подрумите или гаражите , повикуваат од „Пакомак“овластена компанија за собирање стакло. Тие почнаа акција за собирање стаклена амбалажа директно од домовите на граѓаните. Игор Маколоски, од компанијата очекува соработка со граѓаните, а идејата е да заживее и овој начин на собирање и рециклирање на стаклена амбалажа кој се овозможува за прв пат.

„Имаме поставено низ 35 градови ѕвона, контејнери од каде секојдневно се собира стакло кое го одлагаат граѓаните. Вториот канал е собирање на стаклена амбалажа од угостителските објекти. Ова е трет канал за собирање на стакло собирано од поголем период од животот останато во гаражите и подрумите кое не било собирано и однесено на рециклирање“.

Новата акција на Пакомак е насочена кон создавање услови за население правилно да го одложува стаклениот отпад, при тоа да не е пречка оддалеченоста на поединечните домаќинства од соодветните контејнери.Олеснувањето на процесот е во корист на граѓаните, а за бенефит на околината. Ова е голем проект , а за соработката Пакомак ќе доделува и симболични подароци, нагласува Макалоски.

„Да ги испочитуваме нивната добра волја и соработка. Ќе треба заеднички да сработиме. Тие ќе треба да влезат во своите подруми, да го почнат летното чистење на гаражите и подрумите, а собраното да го остават пред домовите и тротоарите. Ако станува збор за количина од околу 5-6 кг стакло, мислам дека секој има дома толку , доволно е само останатите тегли од зимниците да ја собреме таа количината. Во знак на респект кон нивниот ангажман ќе ги наградиме граѓаните со семенски материјал за целата акција да има еколошка димензија“.

Одржувањето и подобрувањето на животната средина започнува од секој еден од нас, а потоа одговорноста се проширува низ заедницата како колектив. Во идеални услови веројатно сите би го селектирале отпадот, но предизвикот доаѓа кога нема услови и истите треба да бидат создадени, подвлекуваат за својата акција од „Пакомак“.
Од Пакомак информираат дека граѓаните треба претходно да се јават на телефонскиот број 072 26 66 26 во работните денови од понеделник до петок. Да остават контакт податоци, адреса и град на живеење, приближна количина на отпад за подигнување, телефонски број и лице за контакт.