Skip to main content

Малолетно дете, болно од детска парализа напуштено од родителите чека институционално згрижување

Во моментов за него се грижи сосетка под надзор на социјалните работници. Тие неколку дена со помош на министерството бараат соодветна институција или згрижувачко семeјство за да го сместат несреќното дете. Се нaдеваат дека до крајот на денот детето ќе биде соодветно згрижено.

 |  Валентина Неловска  | 

Единаесетгодишно дете, неподвижно и болно од детска парализа чека институционална грижа. Пред еден месец прво го напушта таткото, а од пред една недела и мајка му. Сега болното дете е оставено на милост на соседите под надзор на социјалните работници. Детето прима терапија , консултиран е матичен лекар и психијатар. Се бара институција или згрижувачко семејство да се грижи за напуштеното дете, информира Ајтен Мусли, директор на Центарот за социјални работи од Охрид.

„Три дена работиме на случајот но заради Ковид 19 многу се ограничени капацитетите за сместување на детето. Се надевам дека до крајот на денот со помош на министерсвото за труд и социјална политика. Во домовите посебно Демир Капија кој згрижува вакви деца, нема доволно капацитет или Бања Банско се затворени вратите и мора да вршиме поголем притисок да ни помогнат“.

Од Центарот за социјални работи напоменуваат дека семејството било корисник на социјална помош. Земало посебен додаток за болеста на детето и туѓа нега, а мајката користела и семејна пензија наследена од родителите.

„Станува збор за ризично семејство. Сепак тие се на граница на ризик и психичката состојба на родителите не е добра, од што може да се сфати зошто го напуштиле малолетното дете“, напоменува Мусли.

Полицијата е во потрага по родителите, а со напуштање на детето социјалните служби се орган кој го презема старателство, одговорноста и грижата за ова дете, вели Мусли, диерктор на охродксито центар за социјални работи.