Стручен тим се грижи за децата со аутизам во охридскиот Центар за сензорна терапија
Дефектолози, логопед и психолог работаaт со деца од предшколска возраст. Според план и програма прилагодени за секое дете тимот од стручни лица работат на нивно самостојно функционирање во животната средина.
Дипломираните дефектолози Ангела Чингоска и Нада Костоска се дел од стручниот тим кој работи во Центарот за сензорна терапија на Здружението за аутизам „Во мојот свет“. Стручниот тим покрај 5 мината дефектолози, специјални едукатори, го сочинуваат и логопед и психолог. Повремено доаѓа и невропсихијатар од Скопје. Стручниот тим работи според подготвен план и програма за работа за развој на децата според индивидуалните потреби на секое дете, вели Ангела Чингоска.
„Нема две деца исти. Сите деца се различни. Постојано за секое дете има индивидуализиран план. Постојано се менува, се менуваат и децата и реагираат различно во условите и тука и надвор. Се прилагодуваат плановите и програмите постојано, за да имаме успех. Ниедна шема не одговара затоа што секое дете е свое и посебно“.
На почетокот правиме проценка и ги опсервираме децата, која трае во неколку третмани. Целта ни е да работиме со секое наше дете и да имаме успешна приказна, вели нејзината колешка, дипломираниот дефектолог Нада Костоска. Костоска нагласува дека соработката со родителите е многу важна и по завршување на третманите во центарот. Со цел постигнување подобар напредок кај децата после секој третман родителите добиваат насоки и задачи како да продлжат и да се надополнуваат во работата и во домот.
„Имаме тенденција да ги осамостоиме децата, да го подобриме вниманието и концентрацијата. Работиме на подобрување на фините и моторните вештини, когнитивниот развој, соодветно изразување на емоциите, работиме на организација на сетилата со цел подобро примање на информациите од средината и соодветно изразување за самостојно функцинионирање во животната средина“.
Центарот за сензорна терапија на Здружението за аутизам „Во мојот свет“ почна со работа од декември минатата година. Истиот беше затворен заради ковид 19, а повторно почна со работа од 1 јули. Потребата од еден ваков центар во регионот е голема, а под стручен надзор сега се работи со 60 деца од предшколска возраст. Најмалата возраст на децата е од една и пол до 7 години. Вратите на центарот се отворени и за децата со аутизам од соседна Струга. Во моментов центарот го посетуваат и 6 стружанчиња.