Камења и песок помешани со влажни марамчиња и најлонски кеси зечепиле канализациона цевка во населбата Билјанини извори
Жителите во близина на пресекот на улиците Мирче Ацев и Ванчо Питошески реагираа за проблемот. Од ЈП Нискоградба информираат дека го санирале излевањето и појаснуваат дека им било потребно подолго време рачно да ја исчистат целата линија.
Санирано уште едно излевање на шахта во населбата Билјанини извори. Жителите кои се во близина на пресекот на улиците Мирче Ацев и Ванчо Питошески реагираа за настанатиот проблем, а вработените од ЈП Нискоградба во меѓувреме го санирале излевањето. Појаснуваaт дека за решавање на комуналиот проблем им требало подолго време за да ја расчистат рачно целата линија. Канализационата мрежа била полна со камења и песок помешани со влажни марамчиња и најлонски кеси.
Од ЈП напоменуваат дека во овој период кога градот и тројно има повеќе гости многу често доаѓа до зачепување на канaлизациониот систем. Се фрла се и сешто во канализацијата, па се создаваат вакви и слични проблеми.
Напоменуваат дека е решен и проблемот на улицата Асном кој беше детектиран со скенирањето на канализациониот систем, кој пак предизвика излевање на фекални води во каналот пред 3 недели. Критичните точки се надгледуваат од екипите на претпијатието два пати во текот на денот. 4 екипи се постојано на терен од кои 3 претпладне и една во попладневните часови, информираат од ЈП Нискоградба.
Додаваат дека во просек најмалку имаат по 10 интервенции дневно. Апелираат граѓаните да бидат повнимателни каков отпад фрлаат во канализацијата за да нема зачепувања и излевања од шахтите низ градот.