„Мапирања на душата“ мултимедијална изложба за незаборавно патување во минатото
Професор Марина Коцарева Ранисављев се претставува со интересни уметнички експонати во Куќата на Робевци. Изложбата содржи 4 циклуси кои ги создавала во текот на нејзиното творештво.
Уметнички платна, видео инсталции, облека, фотографии се дел од изложбата „Мапирање на душата“ од Марина Коцарева Ранисављев. Професор Коцарева Ранисављев уметник, сликар и моден дизајнер, автор на книгата „Мода и облека“, се претставува со интересна мултимедијална изложба во Куќата на Робевци. На посетителите им нуди незаборавно патување низ минатото. Уметникот вели, ме инспирира градот во кој сум родена и неговата традиција. Среќна е што поставката се вклопила во музејскиот амбиент, со што се потврдува, дека ништо не е случајно во животот и творештвото, вели професор Марина Коцарева Ранисављев.
„Посебно кога видов колку е поврзана изложбата со етно поставката во музејот на Робевци, каде што видов стари фотографии, облека со етно призвук, со граѓански носии и се тоа е основа на она што го работам како теорија и пракса“.
Нејзиниот љубопитен, уметнички дух постојано ја води од еден медиум во друг, да се занимава со она што ја интересира и каде што може да истражува. Покрај штафелајското сликарство, уметничките инсталации тука е и модниот дизајн. Коцарева Ранисављев споделува дека резулата на нејзината теоретска работа е авторската книга Мода и облека. Има психо -социолошки аспект на облекувањето и модата и одговор на прашањата зошто правиме избор како да се претставиме пред околината. Открива дека и причинуваат задоволство и ја исполнуваат во творештвото повеќе уметнички области.
„Треба секогаш да се прати она што е автентично околу нас и во нас. Само тогаш ќе создаваме вистински уметнички дела кои ќе имаат вредност. Секој уметник и творец би требало да размислува на тој начин“.
Нејзината поставка „Мапирање на душата“ ќе биде отворена до почетокот на месец септември.
Марина Коцарева Ранисављев е родена во Охрид, а сега живее и работи во Белград како професор на Академијата на Техничко – уметнички студии по моден дизајн.