Skip to main content

Луѓето кога имаат мака и лично доаѓаат во канцеларијата на Омбусманот

Народното правобранителство со канцеларија во Кичево отворило  17 предмети за  општините Охрид и Струга за осум месеци од годинава.  Претставки стигнуваат за најразлични области за кои граѓаните реагираат дека им се повредени законските и уставните права. Најчесто биле отворени предмети од  судските процеси, овластувања на полицијата и имотно-правните односи. 

 |  Валентина Неловска  | 

Омбусманот има отворено 17 предмети по претставки на граѓаните од општините Охрид и Струга од почетокот на оваа година до сега. Охриѓани и стружани поднесле претставки за повреда на законски и уставни права поврзани со судски процеси, полиција, имотно-правните односи, информира Илбер Руфати, заменик на Народниот правобранител. Додава дека досега од пристигнатите претставки само кај 9 е констатирано дека има повреда на правото на граѓаните врз оснава на Законот и уставот.

„Претежно граѓаните се жалат на бирократски процедури. Во некој дел се од лични причини т.е. конфликти на интереси на административните вработени во институциите, а имаме и пречекорување на овластвање на службените лица тоа се најчестите причини на кои реагираат граѓаните“.

17-те претставки се однесуваат на најразлични повреди за кои реагирале граѓаните.Па така по 2 предмети се отворени за работата на МВР, за Апелацискиот суд во Битола, државното правобранителство, за поправно казнените установи, за Основен суд, за општина Струга,за Македонска радио телевизија и по еден предмет од работата на Комисијата за одлучување за денацинализација и еден од Фондот на ПИОМ.

Директните средби на граѓаните од Охрид и Струга со претставниците на Народното правобранителство од канцеларијата во Кичево се во прекин поради пандемијата на Ковид 19 па претставките стигнуваат по пошта. Луѓето ако имаат мака и лично доаѓаат во канцеларијата, вели Руфати.

„Ние им објаснуваме дека заради мерките од Владата за заштита од пандемијата, од месец март, правата може да ги остваруваат по електронски пат или по пошта, но некои граѓани по нивна лична волја сакаат да дојадат во канцеларјата на Народниот Правобранител“.

Во 2019 година, за општините за кои е надлежна поддрачната канцеларија на Народниот Правобранител во Кичево, биле поднесени 323 предмети. Од нив 31 предмет бил отворен во Охрид и 23 предмети во Струга. Биле завршени 255 предмети , а постапката била запрена во 187 случаи. Во 68 предмети се констатирале повреди на Законот и уставноста на граѓаните од страна на најразлични институции на државата. Најбројни биле повредите во правосудството 61 предмет, урбанизмот и градбата 23 предмети, полициското овластување е со 22 предмети, социјалната сигурност и заштита 18 предмети и работни односи со 15 предмети.