Наскоро се отвараат градинките
Детските градинки ќе ги отворат вратите на 9-ти септември, но Владата се уште нема донесено одлука какви ќе бидат обврските за родителите чии деца ќе одат во градинка, но и за оние чии деца ќе останат дома.
Детските градинки ќе ги отворат вратите на 9-ти септември, но Владата се уште нема донесено одлука какви ќе бидат обврските за родителите чии деца ќе одат во градинка, но и за оние чии деца ќе останат дома. Министерството за труд и социјална политика соопшти дека до донесување на друга владина одлука, и натаму важи мерката за ослободување од работа на еден родител на дете до 10 години на кое му е потребна грижа. Министерот за здравство, Венко Филипче, најавува дека за ова прашање ќе се разговара деновиве, а одлука може да се очекува идната недела.
„Тоа беше одлука за родители на деца поради тоа што се затворија градинките и училиштата, вклучително и за луѓето кои се хронично болни, и се уште важи таа мерка. Но, во следните денови ќе отвориме дискусија, најпрво во Комисијата за заразни болести, и според проценката на ризик во сегашната ситуација на епидемијата во почетокот на следната недела ќе донесеме одлука дали тоа ќе продолжи да важи или не. Секако дека еден од факторите што ќе се земе предвид е и отворањето на градинките. Тука зборувам за категоријата на родители на деца до 10 години чии деца ќе можат да одат во градинка“, изјави Филипче.
Според Министерството за труд, градинките имаат капацитет да згрижат 19.000 деца, а интерес за згрижување досега пријавиле родители на 14.555 деца. Приоритет за посетување на градинка ќе имаат децата на самохраните родители и децата на двајца родители кои се вработени, а ќе донесат потврда од работодавачот дека работните задачи не може да ги извршуваат од дома. Доколку градинките имаат повеќе слободни места, согласно критериумите од Протоколот можат да згрижат повеќе деца од приоритетните. Владата им препорача на единиците на локална самоуправа да обезбедат или адаптираат и дополнителен соодветен простор, доколку има потреба за тоа.
При прием во градинка на секое дете ќе му се мери температура. Растојанието помеѓу масите треба да биде од 1,5 до 2 метра, а при спиење децата треба да бидат поставени според принципот „нозе – глава” исто така на растојание од 1,5 до 2 метра, во единечни кревети и со постелнина обележена со името на детето. Воспитните групи за деца до 2 годишна возраст ќе имаат максимум по 6 деца и двајца вработени во смена, а групите за деца над 2 години ќе имаат максимум 15 деца и двајца вработени во смена. Секоја градинка треба да има назначено одговорно лице за контакт со надлежниот Центар за јавно здравје (ЦЈЗ). Доколку за време на престојот во градинка дете развие покачена температура, веднаш треба да се изолира во посебна просторија. Одговорното лице треба да го повика родителот и да стапи во контакт со епидемиолошката служба во ЦЈЗ и со матичниот доктор на детето, заради негова понатамошна дијагноза, тестирање и третман. Епидемиологот од ЦЈЗ прави проценка на ризик за можноста од проширување на инфекцијата во групата или во целата градинка. При појава на потврден случај на Ковид-19 во градинката, се известува Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), а надлежниот епидемиолог организира спроведување на вонредна дезинфекција. Дете позитивно на САРС-КоВ-2, заедно со родителите/старателите оди во домашна изолација под здравствен надзор со решение од ДСЗИ. Неговата состојба ја следи матичниот лекар, а доколку се појави потреба – се хоспитализира. Дете кое било сомнително на Ковид-19, а за кое со ПЦР-тест е докажано дека е негативно, продолжува да ја посетува градинката со приложена потврда од матичниот лекар дека е во добра здравствена состојба.